Викенд предлог: Дивата убавина на селото Плетвар


Викенд предлог: Дивата убавина на селото Плетвар

Плетвар е прилепско планинско село на надморска височина од 990 метри, кое се наоѓа веднаш над превојот Плетвар. Тој ги разделува планините Дрен и Бабуна, а ги поврзува Пелагонија и градот Прилеп со Раец и Тиквеш.

vikend-predlog-divata-ubavina-na-seloto-pletvar-01.JPG

Познато е уште многу одамна како попатна станица и скривница во Првата светска војна, но денес важи за пријатна викенд дестинација, особено на прилепчани.

Свежиот воздух и дивата природа се првите асоцијации кога ќе се спомне ова место. Заобиколено е со многу помали и поголеми планини и ридови каде селаните најчесто го пасат добитокот.

Сепак, на некои од овие планини има и варовнички карпи за кои постои легенда дека се како сплетени, поради што и селото го добило името како „сплетен вар“ – Плетвар.

Она што особено ги воодушевува туристите кои случајно или намерно поминуваат се 3-те вештачки езера кои се наоѓаат во неговата непосредна околина.

Најчесто се користат за риболов и наводнување на селските ниви, но одвреме-навреме во нив може да видите и авантуристички капачи.

На врвот од прилепската планина Козјак која се наоѓа зад неколку поблиски планини на Плетвар, постои традиција за искачување на празникот Дуовден.

Тогаш се собираат селаните и оние кои слушнале за традицијата само за да стигнат до пештерата која се наоѓа на врвот од планината и во која се влегува на екстремно опасен начин, но со многу внимание, тоа успешно се изведува со години.

Во пештерата се наоѓа камено корито со т.н. Дуова вода која има -10 степени, но за која не се гледа изворот.

Сите полнат и пијат од таа вода, но нејзиното ниво никогаш не се намалува ниту зголемува. Токму затоа се смета за божја вода или Дуова вода.

Најхрабрите и преспиваат во пештерата за како што е верувањето да ги избркаат лошите духови.

Претходно тоа е долга и забавна вечер со многу приказни, шеги и мезе околу оган, додека не му се предадете на заморот од искачувањето и не заспиете.

Она што ќе ве воодушеви, доколку тргнете на оваа авантура е утринскиот поглед на изгрејсонцето и небото кое се гледа од отворот на пештерата, а кој се чини како да лебди во облаците.

vikend-predlog-divata-ubavina-na-seloto-pletvar-2.JPG

Во селото нема многу куќи во кои има постојани жители, но затоа има многу викендици кои си ги изградиле сите оние кои сакаат да избегаат од градската гужва.

Во Плетвар ќе забележите речиси секаков зеленчук и овошје по нивите, но и многу диви капини и сливи по патеките или покрај селските чешми.

Плетвар има посебна убавина и шарм во секое годишно доба, но најубаво може да го доживеете на почеток на пролетта и кон крајот на летото.

Магијата на боите кои се прелеваат, вкусовите и мирисите кои ви ги исполнуваат сите сетила ќе направат да сакате секој момент да потрае малку повеќе.

Пред да фати студот и зимата, додека сè уште може да ги уловите последните сончеви зраци, тргнете овој викенд до Плетвар и уверете се во неговата дива убавина.

Автор: В. М.| Црнобело

Би можело да ве интересира:

Викенд предлог: Дрвена куќичка од бајките во близина на Загреб Дрвената куќичка градена во Хонка стил се наоѓа во малото местенце Миркополе, ко...
Марков манастир – убавина зачувана со векови за совршено бегство од градската џунгла На само 20 km од Скопје ќе пронајдете место за совршен одмор и мир. Марков ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg