Хортензии – цветни кралици во градината (фото)

Како да ги негувате чудесните хортензии, најубавото летно цвеќе? Ви откриваме неколку едноставни совети со кои ќе постигнете преубав изглед и подолго ќе ги одржите, независно од тоа дали се работи за цвеќе во вазна или голема грмушка во дворот.

hortenzii-cvetni-kralici-vo-gradinata-foto-1_copy.jpg

Нежни и грациозни, хортензиите му даваат посебен романтичен шарм на секој дом и градина. Со својата убавина привлекуваат погледи, а доаѓаат во различни бои. Од зелени и бели, преку розови и виолетови, па сѐ до сини.

Колоритните хортензии веќе стотици години се одгледуваат во Азија, особено во Јапонија, како и во Америка. Во Европа пристигнале од Северна Америка во 18.век, а во 19.век прераснале во една од омилените врсти во кралските дворови.

hortenzii-cvetni-kralici-vo-gradinata-foto-2_copy.jpg

Хортензиите цутат од рана пролет до доцна есен. Бараат многу вода, особено во лето, за време на суша, а не сакаат да бидат изложени директно на сонце. Популарно е да се одгледуваат во градините во облик на грмушки, но понекогаш може да се пронајдат и во саксии и жардиниери. Ова цвеќе изгледа прекрасно и во вазна, а без сомнеж ќе го разубави секој амбиент.

06.jpg

Хортенизиите се и магични билки, бидејќи бојата на цветовите им се менува во зависност од  pH вредноста на почвата во која се посадени. Во кисела почва, цветовите ќе бидат нестварно сини, во неутрална – бледи, додека во алкална попримаат розова нијанса.

Доколку сакате вашата билка да биде во сина боја, потребна ѝ е земја чија pH вредност е 5.5 и пониска. За розови цветови, пак, таа вредност мора да биде над 6.5. За цела палета од прекрасни сини, розови и виолетови нијанси, pH вредноста на почвата во која се засадени треба да биде помеѓу 5.5 и 6.5.

hortenzii-cvetni-kralici-vo-gradinata-foto-10_copy.jpg

За постигнување пониска pH вредност, послужете се со компост, подготвен од дабови лисја, борови иглички или мелено кафе, со што почвата ќе ја направите покисела. Од друга страна, за да добиете розови цветови, искористете пепел од дрво, мелен варовник или ѓубрива со високо ниво на фосфор, а со чија помош ќе се намали киселоста на почвата.

Притоа, важно е да бидете упорни и редовно да го третирате горниот слој од земјата, односно во подрачјето околу корењата, но и да бидете трпеливи, бидејќи промената нема да се случи преку ноќ.

hortenzii-cvetni-kralici-vo-gradinata-foto-4_copy_copy.jpg

Букетот цвеќе од хортензии, пак, може да го освежите со малку жешка вода. Загрејте вода дури не зоврие, а потоа прелејте ја во чаша или сад. Пресечете ги стеблата на хортензиите со посакуваната должина, па ставете ги во жешка вода на 30 секунди. Префрлете ги веднаш после тоа во вазна со вода на собна температура и готови сте.

Доколку забележите дека цвеќињата малку свенале, шокирајте ги со потопување во топла вода на 3-4 часа. Притоа, послужете се со камен од дворот за да ги одржите цветовите под вода. Имено, покрај со корењата, хортензиите црпат вода и преку нивните цветни ливчиња, па корисно е и вашиот букет хортензии секојдневно да го прскате со малку вода, како би изгледал свежо што подолго време.

05.jpg

За да го спречите развојот на бактерии во вазната, додадете неколку капки сапун за миење раце во водата, пред да го поставите цвеќето во неа. Менувајте ја водата на секои два дена за хортензиите што подолго да ви траат.

За крај, ве инспираме и со неколку неодоливo убави фотки, каде токму хортензиите - цветните кралици во градината - имаат главна улога:

М. А. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во дворот на Добрила и Наум од Охрид: Зелен рај со многу цвеќиња и фурна „Секое катче во дворот ни е драго, но има едно место кое ни е посебно омилено, а...
Привлекува пари и среќа – Совети за одгледување Монстера, растението што ќе ви го претвори домот во ... Според Фенг шуи, брзото растење на Монстерата симболизира раст и напредок, носи ...
Кафе како ѓубриво, лук за заштита од инсекти: Трикови за здрави растенија со продукти што ги имате д... Талогот од кафе содржи азот, калиум, фосфор, магнезиум… Сето ова се хранливи мат...
Рајското дворче на црквата „Св. Илија“ во охридското с. Велгошти е совршено за релаксација (фото) До црквата може да се стигне со автомобил по локален пат, а постојат и пешачки п...
Во дворoт на Роберт во с. Новаци, битолско: Цветен рај со дрвено вовче и летниковец (фото) Кога нешто се полева со љубов, тогаш резултатот е неверојатен... Почувствувајте ...
Дворчето на Ружа во Ресен, каде царуваат хризантемите во сите бои (фото) Од виолетови до бели, хризантемите го претворија дворот на Ружа Димиџиевска од Р...

Најчитани неделава