Во домот на модната дизајнерка Ива Спасовска: Винтиџ рај од 110m2, со 60 години старо огледало, наследство од дедо ѝ
- Детали
- сабота, 14 јуни 2025
„Сè што се гледа во мојот дом е рачно изработено или јас го имам лично преработено - од впечатливиот винтиџ мебел, амбиенталните ламби, декоративните ѕидови и уникатните украсни детали“, вели модната дизајнерка Ива Спасовска и ги отвори вратите на својот стан за CRNOBELO.com.
Домот на модната дизајнерка и инфлуенсерка Ива Спасовска е простор во кој не живее само естетика, туку и искрена животна магија.
Ова е простор каде што креативноста, автентичноста и длабоката емотивна врска кои Ива ги има со сопствената животна приказна се чувствуваат во секој агол од домот.

Станот од 110m2 е место во кое Ива живее веќе пет години.
Нејзиниот дом има три спални соби, две купатила, помошен простор кој го користи како перална, пространа кујна, тераса, дневна соба и широк ходник, кој претставува визуелен влез во нејзиниот личен универзум.

За уредувањето на уникатниот дом, Ива раскажа за CRNOBELO.com:
„Мене ме прави уметник тоа што креирам со моите две раце и мојата фантазија. Само така можам да се пресликам себеси.
Никогаш не би сакала тоа да се смени. Стерилно и не е мој стил.
Сè што се гледа во мојот дом е рачно изработено или јас го имам лично преработено - од впечатливиот винтиџ мебел, амбиенталните ламби, декоративните ѕидови и уникатните украсни детали.


Дел од највредните парчиња мебел - маси, полици, плакари, шкaфчиња, комоди, столови и шанкот - потекнуваат од мојот дедо, а јас ги користам со гордост од него, како аманет.
Тоа не се само предмети - тоа е мојата вистина, мојата вредност, моите корења, моето сидро.


Еден од повеќето впечатливи елементи е ѕидот со „дрвото на успехот“, изработен врз тапет, кој го украсив со рачно поставени 3Д листови, гранки и парички, и јас поставена на врвот како симбол на манифестацијата.
Околу дрвото се поставени бамбуси, кристали и други симболи на раст и развој. Тоа е мојот олтар, визуелна мапа на мојата внатрешна суштина.


Во дневната соба посебно внимание привлекува впечатливото винтиџ огледало, кое мојот дедо го купил пред повеќе од 60 години.
Но не е само огледалото, туку и 90% од мебелот во станот се наследство од дедо ми, и секое парче е внимателно зачувано, преработено од моја страна и негувано како најдраго наследство.


