На гости кај Ангела во Скопје: Стан од 67m2 во Тафталиџе со совршена детска соба и тераса како мала оаза (фото)
- Детали
- сабота, 12 јули 2025
„Кога ја уредував кујната, целта ми беше да биде светла, функционална и лесна за одржување. Белата боја ја избрав како основа бидејќи создава чувство на просторност и чистота“, вели Ангела Бебекоска Главчев (28) за домот во кој живее со сопругот и двете ќерки.

Ангела Бебекоска Главчев (28), административен асистент, потекнува од живописното Вевчани, а веќе 10 години живее во Тафталиџе, Скопје, од кои 6 години животот го дели со сопругот.
Парот со двете ќерки, Ева и Ива, живее во стан од 67.5m2, кој со сопругот го уредувале со многу љубов, вложувајќи внимание и душа во секој детаљ.
За инспирацијата за уредувањето Ангела споделува за CRNOBELO.com:
„Од самиот почеток ми беше исклучително важно домот да не биде само убав за око, туку и вистинско прибежиште – топло, пријатно и смирувачко.

Сакав секој што ќе влезе да почувствува мир и домашна атмосфера. Инспирација пронајдов на повеќе места: Пинтерест, Инстаграм, па дури и во списанија за ентериер.
Се заљубив во скандинавскиот стил – светли бои, минимализам и чисти линии. Но, го дополнував со топлината на бохо естетиката – природни материјали, текстури и детали што внесуваат душа.

Целта ми беше едноставна: да создадам простор што е убав, но и функционален, удобен за живеење и гостопримлив – место каде што секој би рекол: „Овде се чувствувам како дома“.

Најмногу ги сакам дрвените елементи – масички, полици, па дури и декоративни даски.
Дрвото внесува природност и топлина, и го прави просторот попријатен.

Перниците ми се вистинска страст! Обожавам да играм со дезени и бои, менувајќи ги според годишно време или расположение – со нив лесно се менува целата атмосфера.

И, секако, тука се и растенијата.
Имам саксии во речиси секоја просторија, тие внесуваат живот, боја и некаква спокојност. Просторот со нив станува побогат и повпечатлив.

Моето омилено катче е без двоумење – терасата! Сакав да создадам мало зелено катче каде ќе можам да се исклучам од секојдневието.
Ставивме вештачка трева, а макраме-лулашката стана вистински хит – таму често седам со книга или кафе, уживајќи со часови.

