Во новогодишниот дом на Росана: Стан во Црниче, во скандинавски стил - без килими и со многу прозорци
- Детали
- сабота, 03 јануари 2026
„Главната цел беше да се постигне просторност и комоција, практичен дом во којшто многу брзо ќе се одржува хигиената, без непотребни предмети. Светлината влијае на среќата, затоа ѕидовите се бели, подот е без килими, а има многу прозорци. Играчките за бебето се од природни материјали во пастелни бои“ - вели Росица Атанасова за CRNOBELO.com.

Росана Атанасова (38) која работи во маркетинг сектор, живее во дом уреден во скандинавски и минималистички стил.
Станот од 64m2, кој се наоѓа во скопската населба Црниче, има светол ентериер со природни материјали во кои преовладува дрво, како и пастелни бои.
Главната цел била домот да биде практичен и просторен, без многу непотребни детали, лесно да се одржува хигиената, но и да има многу светлина која влијае на расположението.

За уредувањето на домот, Росана за CRNOBELO.com вели:
„Идејата за уредувањето беше водечкото правило на минимализмот „помалку е повеќе“.
Целокупниот простор е уреден со минимално користење на елементи, органски облици на мебелот, доминираат пастелни и природни бои на текстилот и дрвените површини, што како краен резултат е чувство на просторност и мир.

Се водевме по скандинавски стил на опремување, па поради тоа имаме повеќе детали од дрво коишто внесуваат топлина во просторот.

Главната цел беше да се постигне просторност и комоција, практичен дом во којшто многу брзо ќе се одржува хигиената, а тоа подразбира да се отстранат сите идеи за предмети коишто не се потребни и функционални.
Сè стои на свое место, а површините се слободни и чисти.

Светлината ни беше посебно важна и поради тоа нашиот избор беше стан со многу прозорци.
Светлината влијае на расположението и среќата и поради тоа ѕидовите се комплетно бели, подот е без килими, а прозорците прекриени со завеси полупроѕирен материјал од бамбус.

Уредувањето беше комплетно наша замисла. Сè е изработено по мерка во согласност со нашите барања.
Преовладуваат природни нијанси на кафена, капучино, беж и бела боја.

Најголем дел од денот поминуваме во дневната соба, во којашто омилен предмет ми е фотелјата на нишкање.
Тука најчесто одмарам, читам книги, а во моментов многу често го заспивам бебето.
Интересно е што успеавме да пронајдеме сличен релаксатор на нишкање и за бебето, па често уживаме заедно нишајќи се.

