На гости кај Тоше во струшко Вишни: Реновирана викендичка од 1926-та со рајско дворче, во село со 20 жители
- Детали
- сабота, 14 март 2026
„Куќата, каде што е роден татко ми, е изградена во 1926 година од камен, цело време е одржувана до некаде 2015 година кога татко ми реши да ја реновира, да промени кров, а потоа јас му се посветив на дворот и сега таму е мојот рај“, вели Тоше Танески од Струга, гитарист во бендот Балкан Џем.

Тоше Танески од Струга е музичар по професија и гитарист во бендот Балкан Џем.

Балкан џем функционира веќе 13 години, а тие настапуваат низ цела Македонија, а најчесто во Охрид, Струга и Скопје.
Тоше со своето семејство за време на корона карантините пронашол прибежиште во село Вишни, струшко, и со сопругата и децата цели 7 месеци живееле таму. Сега, пак, го користат секој викенд и празник да престојуваат таму, во реновираната викендичка на татко му, од 1926-та година.

Тоше за CRNOBELO.com споделува:
„По потекло татко ми е од с. Вишни, село на планината Јабланица на 7 километри оддалеченост од Струга и на 1.050 метри надморска висина.

Селото кон крајот на 60-те години броело околу 700 жители, а сега, за жал, само 20-тина луѓе живеат таму.

Кога бев дете едвај чекав да дојде распуст за да одиме во Вишни, секогаш зимскиот распуст го поминувавме таму, во селото имаше ски лифт и ски патека.
Сите Вишенци се добри скијачи.


За викенди беше преполно, доаѓаа луѓе од Струга и од Охрид на скијање.

