На гости кај Мандар и Дариа: Дуплекс стан во Дебар Маало со впечатлива жолта гарнитура (фото)
- Детали
- сабота, 25 април 2026
„Моето омилено катче е жолтата гарнитура во дневната соба, а омилениот дел на мојот свршеник е фотељата во дневната соба, која тој со шега ја нарекува „the dad chair“. Таму најчесто го поминува времето гледајќи видеа и планирајќи нови идеи за неговиот YouTube канал“, вели Дариа Стефановска (28) од Скопје за домот во кој живее со Мандар.

Дариа Стефановска (28) од Скопје, веб и графички дизајнер, ужива во љубовта со нејзиниот свршеник Васил Мандаровски-Мандар (30), инфлуенсер и јутубер, од Скопје.
Заедно се речиси две години, а токму сега влегуваат во еден од најубавите периоди во нивните животи, очекуваат мало девојче.
Заедно живеат во дуплекс стан во Дебар Маало – дел од Скопје кој отсекогаш им бил омилен поради атмосферата, начинот на живот и близината до сè што им е потребно.

Дариа споделува детали за уредувањето на нивниот дом за CRNOBELO.com:
„Иако дизајнот ми е професија, морам да признаам дека најголемиот дел од идејата за уредувањето на нашиот дом дојде од мојата мајка Весна, која има одлично чувство за ентериер и детали.

Таа успеа да создаде простор кој е модерен, но истовремено топол и многу пријатен за живеење.


Посебно ми се допаѓаат жолтите акценти во мебелот, тие му даваат живост на просторот и прекрасно се истакнуваат кога природната светлина го исполнува станот.
