Трендови за уредување кои изгледаат убаво само на Инстаграм (и не се воопшто практични)
Ако сакате многу растенија во домот, не заборавајте дека ќе треба и да се грижите за нив – распоред за наводнување, пресадување, ставање ѓубриво… Доколку не сте подготвени за ваков подвиг, најдобро не купувајте многу.

Кога го уредуваат домот, повеќето црпат инспирација од интернет, како фотки од Инстаграм и Пинтерест.
Токму одовде потекнуваат и трендовите за уредување.
Но, иако фотките што ги гледаме онлајн секогаш изгледаат беспрекорно, не значи дека ист е случајот и во реалноста.
Генерално, проблемот со трендовите што ги гледаме онлајн е тоа што не секогаш се практични.
Пет популарни трендови кои изгледаат убаво само на Инстаграм:
Бела гарнитура
Белата гарнитура изгледа чисто и елегантно и му дава свежина на просторот.
Но, ова е парче мебел што се користи секојдневно, што значи и многу се валка. А, на бела боја, видливи се и најмалите дамки.
Најдобро е да ја избегнувате белата гарнитура, а ако сакате нешто со сличен ефект, можете да пробате други посветли, неутрални нијанси.
Ако веќе сте купиле бела гарнитура, тогаш добро би било да набавите прекривачи за да ја заштитите и да си го олесните чистењето.
Ниска или гарнитура без ногарки
И во овој случај проблем е чистењето.
Под гарнитурата секогаш се собира многу прашина, а ако е ниска, ќе биде невозможно да исчистите освен ако не ја поместите.
Гарнитурат без ногарки, пак, обично е многу пониска, што не е најудобно за седење.
Отворени полици во кујната
Отворените полици изгледаат навистина убаво, особено ако имате и убави садови кои сакате да се гледаат.
Но, штом полиците се отворени, ова значи дека ќе бидат магнет за прашина и ќе треба постојано да ги пребришувате, па и да ги миете садовите пред секоја употреба.
Најдобро е 80% од просторот за складирање во кујната да биде затворен, а оставете полица-две на која ќе можете да изложите нешто.
Декоративни панели
Еден од најпопуларните трендови од изминативе неколку години се ѕидните панели.
И, навистина изгледаат мошне добро, а во зависност од дизајнот, се вкопуваат во секаков ентериер.
Но, и ова е детаљ што ќе ви го отежне чистењето. На панелите лесно може да се наталожи прашина, па ќе треба постојано да ги чистите.
Премногу растенија
Растенијата му даваат свежина и посебен шарм на домот. Сепак, не заборавајте дека откако ќе ги купите, ќе треба и да се грижите за нив.
Ќе треба да имате распоред за наводнување, ќе треба да им ставате ѓубриво, ќе треба да ги пресадувате…
Ако не сте подготвени за ваков подвиг, најдобро не претерувајте со растенија.
Доколку сакате зеленило без да ви создава дополнителни обврски, тогаш идеални се растенија како сансеверија и монстера кои не бараат голема грижа, а изгледаат навистина убаво.
Спирова С. | Црнобело
