Стефан Спирковски за посетата на Мадеира, островот на Роналдо: „Цените се пониски од кај нас, рентање мотор е 12 евра на ден“
Цени, храна и локална атмосфера
„Цените на Мадеира се доста пристапни - во некои случаи дури и пониски од тие кај нас.
Местото е познато по традиционалниот пијалак Poncha - комбинација од рум, мед, лимон и портокал и е едно од најосвежителните нешта што сум ги пробал.
Локалната кујна е базирана на свежа риба и морски плодови.
Посебно ќе го издвојам специјалитетот Espada com banana (црна сабјарка со банана) - чудна комбинација, но вистински вкусна и уникатна.

Исто така, таму ќе пробате и тропски овошја што ретко се среќаваат кај нас - Анона (cherimoya), пешнфрут, банана-ананас, тамарило (доматно дрво), несушено манго и бебе банани со интензивен вкус.
Сето ова го прави гастро-искуството на Мадеира уште поавтентично.
Луѓето се многу топли, мирни и љубезни. Мадеира е тивок остров со силна традиција и сообраќај без хаос - идеален за одмор.
Ноќниот живот е минимален и повеќе е насочен кон постара публика и љубители на природата, што му дава дополнителен шарм на островот“.

Роналдо - иконата на Мадеира
„Нема шанси да не забележите дека Кристијано Роналдо потекнува токму од тука.
Неговата статуа се наоѓа на шеталиштето во Фуншал, веднаш до неговиот музеј.
За жал, не стигнав да влезам бидејќи беше недела и не работеше, но билетот е само 5 евра.

Аеродромот во Фуншал го носи неговото име, Cristiano Ronaldo Airport, а важи за еден од најпредизвикувачките аеродроми во светот.
Пистата е изградена делумно врз океанот, а поради силните ветрови таму смеат да слетуваат само пилоти со специјална обука.
Иако звучи застрашувачки, ние слетавме мазно - како на памук“.

За крај…
„Мадеира е нешто што секој треба да го доживее - комбинација од драматични пејзажи, топли луѓе, здрава храна и авантури на секој чекор.
Местото совршено спојува адреналин и мир. Јас дефинитивно ќе се вратам пак!“
