Стефан Спирковски за посетата на Мадеира, островот на Роналдо: „Цените се пониски од кај нас, рентање мотор е 12 евра на ден“
- Детали
- среда, 11 јуни 2025
„Во Монте се возев на слајд со плетени санки - уникатно и забавно искуство кое потекнува уште од 19. век. Локалци облечени во традиционална облека те спуштаат низ стрмен пат во голема плетена санка со дрвени шини и е нешто што мора да се доживее ако сте на Мадеира,“ - вели Стефан за авантуристичкото патување.

Нашиот фитнес модел и инфлуенсер, Стефан Спирковски (31), е страстен авантурист и голем љубител на патувањата.
Неодамна патот го одведе во Мадеира, најпознат како островот каде што е роден и израснал Кристијано Роналдо.

За тоа што ја прави Мадеира посебна, за култот посветен на Роналдо, авантурите во неделата помината на ова прекрасно место, Стефан раскажа за CRNOBELO.com:
„Патувањето до Мадеира беше вистинска авантура. Летавме од Скопје до Цирих (лет од околу 2 часа), каде што имавме 7 часа пред следниот лет - доволно време да се одмориме, прошетаме малку и да собереме енергија за понатаму.
Од Цирих до Фуншал, главниот град на Мадеира, летот траеше околу 3 и пол часа.
Виза за македонските државјани не е потребна, а ние бевме сместени во хотел блиску до центарот на стариот град во Фуншал - мирна, шармантна и убава локација.
На островот останав 7 дена. Поголемиот дел од времето се движев со автобус преку организиран тур-аранжман, а последните два дена изнајмив мотор (125cc) за само 12 евра на ден и сам го истражував островот - дефинитивно најдобрата одлука за флексибилност и авантура!“

Што сè имав можност да посетам?
„Скоро цел остров! Мадеира е мал, но неверојатно разновиден остров. Еве ги моите омилени места:
Cascata dos Anjos - водопад што паѓа директно на патот и буквално возиш низ него!
Едно од најфотогеничните и најневообичаени места што сум ги видел.

Monte Palace Tropical Garden - тропска градина која се простира на 70.000m² и содржи над 100.000 ретки растенија од цел свет.
Вистински рај за љубителите на природа и фотографија.

Fanal Forest - древна лаврова шума, под заштита на УНЕСКО, со магична атмосфера.
Понекогаш маглата ѝ дава надреален изглед, како да си во бајка.
Оттука тргнуваат и познатите левада hiking патеки, по кои Мадеира е светски позната.

Cabo Girão - највисоката морска карпа во Европа (580m надморска височина) со стаклена платформа и незаборавен поглед кон Атлантикот.

Porto Moniz - природни базени формирани од вулканска лава, идеални за капење во кристално чиста вода.

Seixal Beach - најубавата црна плажа на Мадеира, со вулкански песок, планини во позадина, а океан пред тебе.
Изгледа како сцена од филм.

Carros de Cesto Ride (слајд со плетени санки) - уникатно и забавно искуство кое потекнува уште од 19. век.
Во Монте, локалци облечени во традиционална облека те спуштаат низ стрмен пат во голема плетена санка со дрвени шини.
Забавно, несекојдневно и нешто што дефинитивно мора да се доживее ако сте на Мадеира!“


