На одмор со Зорица Николовска во Ставрос: „Бевме со три деца, сe плашев како ќерката (1) ќе издржи по пат“

„Голем предизвик беше да ги организираме тројцата да се подготвени во исто време. Секако дека во последен момент некому му се оди во тоалет, друг е гладен или жеден, на бебе не ѝ по ќеф нашиот план - ама на крај некако го теравме зацртаното со сопругот“, вели радиоводителката Зорица Николовска, која беше на летување со 3 деца.

na-odmor-so-zorica-nikolovska-vo-grcija-bevme-so-tri-deca-se-plashev-kako-kjerkata-1-kje-izdrzhi-po-pat-01.jpg

Зорица Николовска (35), која многумина ја препознаваат по гласот или како Зорка од радио емисијата „Тик Так и Зорка“, е и мајка и маќеа, која секогаш со многу љубов зборува за трите деца, и јавно споделува убави, но и забавни моменти од нивното секојдневие.

За себе, пак, Зорица вели:

„Јас сум сопруга на Горан, мајка и маќеа, радиоводителка, авторка на ‘Дневникот на трудници’ и глас зад многу проекти од ТВ и радио, но и онлајн просторот.

Со повеќе од 13 години искуство на радио, најуспаниот и најнеутринскиот човек, повеќе од 5 години заедно со Тик Так ве будам на Радио 2.

Во еден ден може да ме чуете на радио, да прочитате мој текст, да се насмеете на некое стори на Инстаграм и, ако сте мајка, да се пронајдете во мојот подкаст ‘Труднички муабети’“.

na-odmor-so-zorica-nikolovska-vo-grcija-bevme-so-tri-deca-se-plashev-kako-kjerkata-1-kje-izdrzhi-po-pat-08.jpg

Овој пат, Зорица, за читателите на CRNOBELO.com сподели едно од своите последни искуства: летување со три мали деца - од едногодишно дете до тинејџер.

Прочитајте го интервјуто:

Неодамна беше на летување со сопругот и три деца - од бебе до тинејџер. Колкави се децата?

Да, неодамна се вративме од летување - јас, сопругот и нашиот дрим тим во три различни димензии на однесување, со свои желби и потреби.

Имаме тинејџер од 14 години, Иван, кој живее со слушалки на ушите и потонува во бескрајни разговори со другарите.

Мартин, 7-годишниот наш дечко, е нашиот најшармантен мини ураган: постојано во движење, со 937 прашања на час и потреба да е постојано во вода.

А најмалата, ама дефинитивно најгласна, е Јана, која овој месец наполни една година. Права шефица. Таа не се прилагодува на нас - ние се прилагодуваме на неа.

Каде бевте овој пат и како си поминавте?

Оваа година на мое огромно задоволство, првпат бевме во Ставрос.

Сме биле неколкупати на викенд претходно до Аспровалта и до Неа Врасна, и некако тоа ми е полн погодок за одмор со деца.

За жал, кратко останавме, само 6 дена, ама ова е увертира за одморот кој ни следи подоцна летово.

Инаку, местото е како од разгледница: преубави песочни плажи, иако првите чекори во море се покриени со ситни камчиња кои ја тестираат твојата стабилност и трпение.

Особено убави се плажите околку Ставрос и кон Олимпијада, песокливо морско тло и плитка топла вода совршена за одмор со мали деца (што не е случај со Врасна, Неа Врасна или Апровалта).

Луѓето се пријателски расположени, а туристите најчесто Бугари, Срби и наши - што е супер, затоа што одма се чувствуваш како дома.

Домаќините се љубезни до степен што ти се чини дека ќе ти донесат кафе и кога само ќе се насмевнеш.

Лежалките се удобни, а сè што ти треба е на дофат: од големи супермаркети за брза набавка, преку аптеки, ресторани со превкусно гиро, па сè до продавници за играчки, препродавачи на плажа со ‘оргинални’ чанти, очила за сонце и часовници.

Да не заборавам да споменам дека имате и голем избор на одлични бич-барови за мајките и татковците што заслужуваат краток одмор од одморот и вистинско јако и ладно кафе.

Иако шест дена не е долг период, си заминавме со полни батерии и многу приказни за раскажување.

na-odmor-so-zorica-nikolovska-vo-grcija-bevme-so-tri-deca-se-plashev-kako-kjerkata-1-kje-izdrzhi-po-pat-04.jpg

Кој беше најголемиот предизвик со кој мораше да се соочиш, а во однос на трите деца?

Многу се плашев за тоа како ќе поминеме по пат, дали Јана ќе издржи и колку ќе заглавиме на граница, но испадна дека џабе сум се потресувала.

Веројатно моментот да ги организираме сите тројца да бидат подготвени во исто време (за на плажа, за на вечера или за одење кон апартманот) и да го следиме временски планот кој го правиме ден претходно!

Секако дека во последен момент, некому му се оди во тоалет, друг е гладен или жеден, на бебе не ѝ по ќеф нашиот план, ама на крај некако пак го теравме зацртаното со сопругот.

Кое од трите имаше најголеми побарувања, а со кое се справувате најлесно?

Аха ха ха веројатно јас, бидејќи Мартин вели: Мамо само нешто бараш од нас.

Шега на страна, иако секој си е своја песна, и ја обожавам таа нивна оргиналност, веројатно најголеми побарувања, логично, во моментов има Јана, која си го сака и следи својот распоред од дома.

А на одмор понекогаш е потребна и импровизација на распоредот, флексибилност и трпение, што е скоро невозможно да го добиете од дете од само 1 година.

Најлесен и најфлексибилен е најголемиот, бидејќи со него веќе се разговара како со возрасен, а е и неверојатно свесен што тоа значи да си големо семејство, а ти да си еден од одговорните.

na-odmor-so-zorica-nikolovska-vo-grcija-bevme-so-tri-deca-se-plashev-kako-kjerkata-1-kje-izdrzhi-po-pat-03.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

На одмор со Даниел Данн во Атина: „Бев сам 8 дена, плажите се убаво организирани - кафе е од 3€, леж... „Сместувањето буквално го резервирав истиот ден додека возев кон Атина. Но, врв ...
На одмор со Магдалена во Охрид: „На тура со глисер видов скриена природа, коктели се до 500 денари -... „Со мајка ми и внук ми одевме на плажата Даљан, која има слободен дел без лежалк...
Јасмина Мукаетова за Њу Џерси: „Живееме во предградие со средени тревници, училишни автобуси и има м... „Песната ме однесе низ многу меридијани, но секое патување има своја конечна дес...
Петар од Пирава за патувањето во Лаос: „Завршив во затвор, но кога полицајците слушнаа Југославија, ... „Јас никогаш немав намера да дојдам во Азија. Во ноември лани бев испратен ...
На одмор со Бранко на Лефкада: „Си носам лежалка на плажа, во 3 години никогаш не сум начекал огромн... „Единствено негативно за Лефкада би било возењето по тесните, кривулести патчиња...
Славица од Скопје 12 години живее во Осло: „Стан од 60m2 чини 348.000 евра, Норвежаните одат на одмо... „Норвежаните се големи патриоти и навистина се горди на својата земја и природа....

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg