На одмор со Зорица Николовска во Ставрос: „Бевме со три деца, сe плашев како ќерката (1) ќе издржи по пат“
Колку сопругот и постарите деца ти помагаа со ќерката? Или сè беше оставено на тебе?
Јана е татина, па веројатно од тука ќе заклучите кој најмногу ја игра, разгалува и занимава.
Сепак за хранење, капење, заспивање, пресоблекување, јас сум ѕвездата на подиумот ха, ха, ха.
Мартин е задолжен за шоуто - да ја занимава, да ѝ пее или да ја игра додека правам некоја секојдневна обврска.
А Иван, сега како најстар брат, освен што беше супер-одговорен во врска со Мартин, на плажа и во вода, тука е и за да ја прошета Јана, да ја подржи во раце или да ја причува секогаш кога е потребно.
Дали имавте непријатности - вирус, настинка, осип од сонце, инсекти...?
Освен 2 блиски средби со едни огромни скакулци (големина колку шака, боја зелена, изглед како од друга планета), кои иако не беа животозагрозувачки, беа застрашувачки.
Другото помина во најдобар ред.

Како изгледаше еден ден од одморот - одење на плажа, реквизити, торби, (заборававте ли работи по дома или на плажа), па да се организирате за капење дома, да ги „спастриш“ сите...?
Денот почнуваше некаде кон 8 часот. Со Јана во рацете правам кафе и ѝ подготвувам појадок, додека сопругот е веќе излезен да купи појадок, вода или овошје.
Додека пијам кафе и Јана појадува, се будат Мартин и Иван, се враќа и сопругот назад.
Појадуваат сите тројца додека јас ја подготвувам Јана и нејзината торба за на плажа, а потоа останатите.
Кон 9 се упатувавме на плажа. Кафе, грицки, вода, прва дневна дремка на Јана.
Ручек кон 14 часот во апартман и одмор до 17. Потоа повторно на плажа до зајдисонце со слично темпо.
Кон 20 часот веќе сме назад во соба, туширање, лесна вечера и кревет. Апсолутно организирано и максимално релаксирачки.
Дали готвеше или се храневте во ресторани (од аспект на тоа дали и готвењето беше обврска плус)?
Комбиниравме, зависно од желбите.
Кај нас дома, не е тајна дека највкусните јадења ги прави тато, најубавото кафе мама, ха, ха.
Се трудевме да ги испочитуваме сите желби на сите членови, а сепак да балансираме со помалку брза храна, а повеќе овошје и зеленчук.

Имаше ли барем малку време за вистински да го почувствуваш одморот, а да не си цело време растрчана со обврски околу фамилијата?
Имаше... неколкупати барем по пет минути - и беа волшебни!
Секако дека најголемиот дел од времето со сопругот ни беше исполнет со организација и планирање, но имаше неколку „украдени моменти“.
Се трудевме да си дадеме време за оддишка, поединечно и заедно.
Тие ситни, но скапоцени моменти, кога најмалата спие на плажа, средниот е фокусиран на песочна тврдина, а тинејџерот е задоволен бидејќи Wi-Fi-то конечно работи, кога со кафе во рака и поглед кон морето, ќе си се поднасмевневме со сопругот - е ова е тоа!
Како си го организираше времето?
Организијата е мојата најголема страст, но ништо без помошта за реализација од Горан.
Ние сме тим и како такви нема што не можеме да изведеме.
Генерално се надополнуваме и веќе точно им ги знаеме финтите на дечките, па лесно ни е да се прилагодиме.
Нема магија, само точно определени временски зони во кои се прави или не се прави нешто.
Секако, како растат децата, нивното разбирање за нештата е поголемо, па секоја година (ќе) станува сè полесно.

Доколку и вие сакате да ни споделите интересни искуства од вашиот летен одмор за сезона 2025, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
