Македонско семејство ќе живее на пат 9 месеци: „Ќе смениме 13 Airbnb сместувања и 20 летови, а ќерка ми ќе учи со нас“
Како го планирате патувањето – однапред или спонтано од дестинација до дестинација? Каде најчесто ќе преноќувате – хотели, Airbnb, кампери? Планирате ли да се задржите подолго некаде ако ви се допадне?
Рутата е испланирана, букирани се најголемиот број на сместувања и летови.
Ќе посетуваме по 3 градови во секоја земја, така што е навистина една комплицирана логистика која мора да биде решена и координирана. Тука зборуваме за околу 13 сместувања и околу 20 летови, бидејќи меѓу одредени локации мораме да поврзуваме неколку летови.

Имаме многу убави искуства со изнајмување на станови преку Airbnb, па така го организираме сместувањето и на ова патување.
Мислам дека има голема убавина во комотноста која ја нуди изнајмен стан во споредба со тесна хотелска соба макар и со вклучени оброци во истата, иако можам да ја видам и едноставноста на одморот кога оброците не се нешто што треба да го мислиш и планираш.

Дали се плашите од нешто, од типот на јазични бариери или безбедност?
Кога започнуваш со планирање на една ваква авантура, не можеш да тргнуваш со мислите за сè она што може да се изјалови и да тргне на лошо.
Ние патуваме со мали деца (4 и 10 години), така што сме и онака внимателни кои делови од земјите ќе ги посетиме и одиме на туристички места.
Инаку тоа се земји кои се навикнати на голема фреквенција на туристи и живеат од туризмот, па не мислам дека ќе постои некој ненадминлива јазична бариера. Дури и кога би се нашле во ситуација да не можеме да се разбереме на јазиците кои ние ги зборуваме, ќе го повикаме на помош Google translate.

Кое е првото нешто што сакате да го направите кога ќе пристигнете на првата дестинација?
Првата дестинација е Скопје, а Скопје е исто дома. Ќе биде време за дружби, разговори, во превод време посветено на најблиските.
Се надевам овој пат ќе успееме да одвоиме време за некои кратки излети низ Македонија.
Тајланд ќе биде нашата прва дестинација во Азија, па патуваме преку Истанбул, преку два дена и мислам дека ќе бидеме поприлично уморни кога ќе стигнеме таму.
Првото утро ќе биде за да дојдеме при себе и да се запознаеме со блиската околина. Тајланд е 5 часа понапред, па прилагодување на временската разлика ќе биде првиот предизвик со кој ќе се справуваме.

Што сакате децата да научат од ова патување? А што вие?
Живееме во време кога сите работи ни се лесно достапни. Во рака имаме телефон кој е вистински компјутер во мал формат, а сега со ChatGPT добиваме и експертска помош на кое било поле и тоа само со неколку куцнувања на телефонот и за неколку секунди.
Сакаме на нашите деца, а во некоја мера и на нас самите, да го доближиме светот кој има други услови и во кој владеат други правила.
Животот кој ние го живееме и работите кои ние ги земаме здраво за готово, не се од Бога дадени за голем дел од светот.

Само 30% од населението во Индонезија, на пример има достапност на чиста вода за пиење. Ние ја пуштаме водата да истече за да ни биде доволно ладна за пиење.
Кога такви ситуации ќе ги видиш со своите очи, не се толку апстрактни како кога ги гледаме на телевизија или читаме за нив.
Стануваме и самите посвесни што имаме, но стануваме и благодарни за истото. Сакаме децата да научат за различните традиции, различните од нашата религија и културни норми.
Доколку успееме и да научиме по некоја едноставна фраза на нивните јазици ќе бидат еден голем плус.

