На одмор со Кристина Арнаудова на Мајорка: „Островот е пречист, но плажите не ме воодушевија“
Со плажите менаџира државата и не се даваат под концесија никому.
Беспрекорно се организирани, а многу мал дел од плажите имаат лежалки воопшто.
Ако имаат, тоа е максимум 20% од целата плажа.
Плажите се преполни со туристи кои се на пешкири и со сопствени чадори, и тоа е сосема нормално.


Иако плажите се преполни, галама и гужва нема.
Никој не вика, сè е многу опуштено, што е уште една работа која ме воодушеви.
На плажите нема бич барови, можеби само мали трафики (обично само една) каде може да се земе кафе и пијачка, и обично таму се поскапи пијачката и јадењето.
Но сепак еспресото, на пример, е 2-3 евра.


Кога сме кај цените, паркингот на пример, кој на повеќето туристички места и големи градови е прескап, во Палма е 2 евра од час, што го прави поевтин и од Скопје.
Значи, сè на сè, ако зборуваме за цени и достапност, наспроти мислењето дека Мајорка е прескапа, таа е всушност по многу точки поевтина од поголемиот дел на места низ Европа каде што сме биле.


За нас секој ден беше нова авантура и ново место за посета.
Осум дена беа премалку за да може да се посетат сите места кои сакав да ги видиме, па затоа морав да направам приоритети.


Сонцето тука заоѓа многу доцна, што е преубаво.
Јас имав мал ритуал - секоја вечер околу 21h се симнував на плажата Кала Пи, сама, си седев, уживав и го чекав зајдисонцето.
Во тој период на плажата доаѓаа многу млади или парови, со пијачки, си правеа пикник, или само медитираа - преубаво беше тоа да се доживее.


На целиот остров има мноооогу плажи, а огромен број од нив се навистина преубави.
Најмногу заради нивната живописност, тиркизната вода наспроти карпите околу нив.


Посетивме доста плажи, но сепак не сите кои сакавме.
Морам да признаам дека имав поголеми очекувања за плажите и водата, бидејќи реално, на слика изгледаат воодушевувачки.
Во реалноста водата е малку матна и не се многу пријатни за пливање, барем оние на коишто бевме. Убави се за око, да кажеме.


