На одмор со Кристина Арнаудова на Мајорка: „Островот е пречист, но плажите не ме воодушевија“
На пример плажата Ес Тренч, која важи за природен резерват и една од најубавите на Мајорка, во реалноста не е ништо посебно - бел песок, но многу ѓубре од алги на самата плажа, со силен ветер, бидејќи е голема, а за пливање не е пријатна.
Сум била на барем 20 поубави плажи, во Грција, Италија, Кипар.
Сепак, ние кои сме навикнати на грчките мориња, кои имаат неверојатни плажи, имаме многу високи критериуми.


Можеби најмалку од сè на Мајорка уживавме во плажите и пливањето.
Уживањето беше од опкружувањето и убавината на островот, архитектурата, атмосферата, стилот на туристи кои го посетуваат островот, организираноста, чистотата и најмногу главниот град на Мајорка, Палма, кој е навистина магичен и уникатен.


Најубава плажа која ја посетивме беше Кала Д’ор, што не значи и дека е најубава на островот, бидејќи има навистина огромен број познати плажи.
И покрај тоа што во ек на сезона имаше многу гужва по плажите, немаше никакво ѓубре никаде, и дури и во голем број барови и ресторани на отворено е забрането пушењето.
Мајорка навистина знае како да се грижи за себе! Секоја им чест!


За мене најубаво беше селото Валдемоса, за кое велат дека е едно од најубавите села во светот.
Таму живеел и творел Шопен, па секое лето има фестивал во негова чест каде доаѓаат големи музички имиња од светот на класичната музика.
Селото има многу уникатна архитектура и имаш чувство дека постојано си во филм, во разгледница.


Се наоѓа под планината Трамонтана, што го прави посебно уникатно, со неверојатен поглед каде и да се свртиш.
Таму најмногу уживавме јас и Матео, бидејќи и двајцата многу сакаме да фотографираме, а тоа место е непресушен извор за уметност и фотографија.
Би сакала да се вратам за да го истражувам повеќе целиот тој дел на планината Сера Ди Трамунтана, која додека се возиш наоколу е одмор за очи и за душа.


Јас и маж ми најмногу уживавме во главниот град, Палма, кој со својата архитектура и катедралата која е негов заштитен знак, и за која се вели дека е можеби најубавата во Шпанија, е воодушевувачки.
Тесните улички, пријатните локалци, убавите ресторани и зеленило каде и да погледнеш, се нешто кое е препознатливо за Палма и во кое навистина се ужива со сите сетила.
Децата најмногу уживаа во забавите во базените на хотелот, што е сосема очекувано.


Патувањата со автомобил низ островот беа за мене преубави, бидејќи постојано си опкружен со зеленило и живописност од планини и море.
За маж ми којшто е шоферот на семејството, не беа баш омилени.


Немавме ништо непријатно, сè одеше како подмачкано.
Дури и температурите кои вообичаено во јули на Мајорка се превисоки, беа до 30 степени, навечер знаеше да заврне и беше многу пријатно.
Инаку, едногласно кажавме дека би се вратиле на Мајорка, за да го откриеме и останатиот дел од убавините на островот“.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
