На одмор со Стефанија Кржеска на Малта: „Не ми се допадна гужвата на плажите, лежалки се до 30€, градот Биргу ме воодушеви“
Посетивме и неколку други плажи, како Ghadira Bay и Golden Bay, кои се меѓу најпознатите на островот.
Плажата Golden Bay, иако многу популарна, не ми остави добар впечаток.
Беше пренатрупана и немаше доволно простор, а водата не беше толку чиста како на другите места што ги посетивме.
На сите плажи може да се изнајмат лежалки и чадори, обично по цена од 20 до 30 евра за сет.


Последниот ден од патувањето го поминавме во Мдина и Рабат.
Мдина нè воодушеви со својата тивка атмосфера, тесни улички и импресивна архитектура.


Што се однесува до храната, во Малта има голем избор.
Често се храневме во мали ресторани и фаст-фуд места, каде што цените беа пристапни.
Едно обично јадење, како паста или пица, чинеше околу 10 до 15 евра.
Појадок обично купувавме од маркети или пекари, каде што имаат свежи сендвичи и печива по пристапни цени.


Еден од најпознатите специјалитети е пастици - солено печиво кое се продава речиси на секој чекор и е одлично за брз оброк.
Во некои ресторани се нуди и фенек - зајак приготвен на традиционален начин, кој се смета за национално јадење.


На плажите, цените беа прифатливи.
Кафе или коктел чинеше околу 3 до 6 евра, што е сосема разумно за туристичко место.


Го посетивме и Blue Lagoon на островот Комино, но, според мене, тоа е вистинска туристичка замка на Малта.
До таму стигнавме со брод. Местото е мало, а имаше премногу туристи, и воопшто не можеше да се најде место за поставување лежалки.
Повеќето луѓе се сместуваат директно на карпите покрај водата, седат врз пешкири, бидејќи плажата нема класичен песок и нема многу простор за лежалки.
Цената на повратна карта со брод беше 35 евра.


Иако Blue Lagoon изгледа како рај на фотографии, со кристално чиста тиркизна вода и спектакуларна природа, во реалноста местото е премногу мало и преполно со туристи.
Просторот за седење е ограничен, најчесто на карпи, и речиси е невозможно да се најде сенка. Убаво е за еднодневна посета и капење, но гужвата малку го расипува доживувањето.

Малта има многу убави места, но јас најмногу се заљубив во Биргу.
Тоа е мал град со тивки и чисти улици, со стари камени куќи, цветни балкони и мала марина покрај која може да се прошеташ додека слушаш само звуци на вода и ветер.
Низ градот владее чувство на спокој и топлина.
Таму сè изгледа како од некое друго време, а атмосферата е толку пријатна што едноставно не сакаш да си заминеш“.


