На одмор со Магдалена во Охрид: „На тура со глисер видов скриена природа, коктели се до 500 денари - исто колку во Комо“
- Детали
- четврток, 28 август 2025
„Со мајка ми и внук ми одевме на плажата Даљан, која има слободен дел без лежалки, а е на 5 минути од нашиот апартман. Обично кога сум со пријатели, одиме на плажи кои нудат забава, но сега, кога станува збор за семеен одмор, биравме мирна плажа“, вели Магдалена од Тетово за краткото летување во Охрид.

Магдалена Јовановска (23) од Тетово веќе неколку години живее во Италија.
Откако 4 години живееше во Милано, каде што студираше, сега е преселена во Комо, каде што работи како дизајнер на ентериер.
Но, секој слободен момент, особено во лето, Магдалена го користи за посета на Македонија, а со семејството или со другарките често е во Охрид, каде што имаат стан.
Овој пат, таа остана таму само 5 дена и ни го раскажа своето искуство поврзано со краткиот одмор во наши бисер.


„Овој пат во Охрид бев со внук ми и мојата мајка Блакче. Јас за време на летниот период повеќе сум во Охрид, него ли во мојот роден град Тетово.
Секогаш за време на летниот период, кога сите гастарбајтери се вратени, меѓу нив сум и јас.
Па, секоја прилика сакам да ја искористам да побегнам во Охрид од метежот во Тетово и Скопје.
Тука имаме наш стан, што ми овозможува кога и да решам да тргнам за Охрид, само да се спакувам и да одам.


Со мајка ми и внук ми одевме на плажата Даљан, која има дел кој е слободен, без лежалки.
Таа се наоѓа на само 5 минути од нашиот апартман.
Обично кога сум со пријатели, сакаме да одиме на различни плажи кои нудат забава, но сега, кога станува збор за семеен одмор, одевме на мирна плажа.


Што се однесува до цените, морам да кажам дека последниве години се покачени. Инфлацијата нè гази, за тоа сме сите свесни.
Еден коктел чинеше околу 400-500 денари, но дајте барем да биде со алкохол и добро направен, не само сок и вода.
Ако споредам со езерото Комо, каде што моментално живеам, цените на пијалаците се исти, но барем вредат да седнеш и да се напиеш саглам.


Што се однесува до условите на охридските плажи летово, јас лично не посетив многу плажи ова лето.
Но, во разговор со мои пријатели коишто биле, ми кажаа дека условите се горе-долу исти како и порано, само со повисоки цени.


