Јасмина Мукаетова за Њу Џерси: „Живееме во предградие со средени тревници, училишни автобуси и има многу Македонци“
- Детали
- сабота, 13 септември 2025
„Песната ме однесе низ многу меридијани, но секое патување има своја конечна дестинација, а за мене тоа беше Америка. Животот во мал град, блиску до Њујорк, за мене значи соседи што се поздравуваат со искрена насмевка, утро кое започнува со звукот на жолтиот училиштен автобус што ги собира децата, но и динамиката на Њујорк на дофат на рака“, вели нашата некогашна пејачка Јасмина Мукаетова.

Јасмина Мукаетова, која имаше успешна музичка кариера во Македонија, веќе две децении живее во САД.
Сега има сосема друга професија и се реализираше во улогата на сопруга и мајка.
Со семејството живее во Њу Џерси, една од најмалите и најгусто населени држави во САД (со околу 9 милиони жители), каде има многу Македонци.
Вели дека ѝ се допаѓа мирниот живот во преградие, но и тоа што динамичниот Њујорк ѝ е на само половина час возење.
Јасмина за CRNOBELO.com споделува детали за животот таму:
Колку години САД е твојот дом? Што те одведе таму, а што те задржа?
Скоро две децении Америка е мојот дом. Песната ме однесе низ многу меридијани, ми ги отвори вратите кон различни култури и ми овозможи да ја почувствувам ширината на светот.

Но, секое патување има своја конечна дестинација – за мене тоа беше токму Америка.
Тука започнав нова животна етапа и открив поинаква димензија на постоењето: стабилноста како вредност, љубовта како двигател и семејството како најголемо богатство.

Како изгледа животот во куќа во предградие?
Животот во мал град блиску до Њујорк за мене значи симбиоза на мир, хармонија и динамика.
Уредени тревниици, соседи што се поздравуваат со искрена насмевка, утро кое започнува со звукот на жолтиот училиштен автобус што ги собира децата – тоа се мали сцени што ја создаваат големата слика на нашето секојдневие.

Њу Џерси е твојот дом… Дали навистина има многу Македонци и дали се дружите?
Да, во Њу Џерси навистина постои бројна и активна македонска заедница. Се гледаме, се дружиме, разговараме.
Се собираме на културни манифестации, црковни празници и приватни прослави, каде што традицијата и јазикот се негуваат и пренесуваат на новите генерации.

Позитивните и негативните страни на Њу Џерси?
Најубаво е што сме на само половина час од Њујорк. Тоа е град во кој секогаш има нешто ново за откривање – од прошетка во Централ Парк, до вечера во мал ресторан скриен во некоја уличка.
Магијата е токму во таа разновидност и во чувството дека таму сите соништа се можни.
Тоа е град кој пулсира со креативност, култура и можности. Тоа е привилегија која дава чувство дека си во центарот на светот.

Јас често сум во Њујорк, бидејќи тој град е неисцрпен извор на инспирација и енергија.
Секоја прошетка по Петтата авенија е доживување, полно со излози кои блескаат со креативност, улиците пулсираат со живот, а секој агол носи приказна.
Вечерите на Бродвеј се посебно магични, светлата се палат, завесата се крева и човек влегува во еден свет на уметност и се нижат емоции кои остануваат во срцето.
Недостатоците се главно практични – сообраќајните метежи, кои се секојдневен предизвик.

Зошто го обожаваш Централ Парк?
Централ Парк за мене е симбол на рамнотежата – совршен спој меѓу природата и урбаното. Тоа е место каде што можеш да избегаш од вревата, а сепак да останеш во срцето на Њујорк.
Со едноставена прошетка, се бега од секојдневната рутина и се враќа хармонијата. Токму тие мали моменти ме исполнуваат со нова енергија и секогаш ме потсетуваат зошто Њујорк е еден од највеличествените градови на светот.

