4-те најубави водопади во Македонија низ објективот на Александар Алексовски (и како да стигнете до нив)
Водопадот Длабочица
Во Козјачкиот регион, недалеку од селото Длабочица, се наоѓа водопадот Длабочица, природен бисер кој нуди неверојатна есенска атмосфера. Областа изобилува со недопрена природа, идеална за кратка авантура или релаксирачка прошетка.
Рутата
Патеката започнува во селото Дејловце, каде што завршува асфалтот и возилото може да се остави. Од Скопје или Куманово се стигнува преку Кокино и селото Дејловце, што ја прави турата лесно достапна за повеќето посетители.
Пешачката тура до водопадот е околу 5,5 километри. Првите три километри се по широк земјен пат низ густа шума, со прекрасна глетка на реката која ја следи патеката и историски објекти како стара воденица. На патот се наоѓа и планинарски дом, каде што може да се направи кратка пауза и да се ужива во околината.
Следните 2,5 километри се со умерена угорнина, каде патеката на некои места се искачува, а на некои има и благо спуштање. Висинската разлика од почетокот до водопадот изнесува околу 160 метри.

Водопадот
Водопадот се наоѓа на околу 1040 метри надморска височина. Со својата моќна струја и свеж воздух, местото нуди импресивно и незаборавно искуство. Бучавата на водата ве вовлекува веднаш штом се приближите, а пејзажот околу водопадот е фантастичен.
Пристап
Возилото може да се остави на почетокот на пешачката тура, а патеката е јасно обележана. Пешачењето низ шумата е најдобар начин да се доживее есента и природата на овој регион покрај тоа што некои се одлучуваат со теренски возила да стигнат до самиот водопад.
Совети
Понесете удобни планинарски чевли, повеќеслојна облека и доволно вода. Планинарскиот дом на патот е идеално место за краток одмор.
Заклучок
Водопадот Длабочица е одлична есенска дестинација за љубителите на природа и пешачење. Мирот, свежината и звукот на водата го прават ова место совршено за релаксација и уживање во недопрена природа.
Водопади на Камењане
Во Полошката Котлина, недалеку од Тетово, се наоѓа село Камењане и неговите осум прекрасни водопади на Камењанска река. Областа е дел од Шар Планина и нуди неверојатна есенска глетка со густа шума, дрвени мостови и скалила кои го олеснуваат движењето.
Рутата
Од Тетово или Скопје се стигнува до Камењане за околу 50 минути. Од селото се продолжува по земјен пат и тука започнува планинарската патека долга 4 км. Првиот дел од патеката минува покрај стара воденица, каде можете да го погледнете традиционалниот воденичарски занает.
Патеката е добро уредена со дрвени скали и мостови, и ве води покрај сите осум водопади. Некои делови се стрмни, но се обезбедени, а долж патеката има дрвени маси и столчиња за краток одмор. Седмиот водопад е највисок, околу 12,5 метри, а последниот водопад е, според многумина, најубав. Да ви дадам дополнителна мотивација да стигнете и до него(се смее).
Пешачење
Целата тура трае околу 2 часа, патеката е кружна, па можете да се вратите по истата патека или да направите дел од враќањето по асфалтираниот пат за Јеловјане.
Совети
Облечете удобни чевли и повеќеслојна облека. Пешачката тура низ шумата нуди сенка и свеж воздух, а секој водопад е јасно обележан со бројка.
Заклучок
Камењанските водопади се магично место кое мора да се посети. Осумте водопади на кратка површина, убавината на шумата и историските детали како воденицата создаваат незаборавно доживување.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело