Тања Атанасовска за патувањето во Занзибар: „Локалците ме викаа Шакира, Масаите и денес живеат во куќи од кал“
За залезите и за тиркизното море би можела да зборувам со часови....
Ме разочара што колку и да се трудиш, не можеш многу да помогнеш околу нивната сиромаштија.
Мали продавнички во кои влегуваш да купиш нешто, а надвор те гледаат децата со надеж во очите…
Она што можеш да им го дадеш не значи многу пред големината на нивната сиромаштија.
Во училиштето, видовме училници со по 70 ученици, дел од нив боси, а сепак сите со насмевка... Слика што остава длабок впечаток, но и буди жал.
Жалам и што немав повеќе време да го искусам сè што Занзибар нуди, да ги запознаам луѓето уште подобро, но сигурна сум дека ќе се вратам повторно.
Ова место едноставно остава желба да се доживее уште еднаш.


Имаше ли можност да комуницираш со локалното население? Какви беа тие?
И да сакаш, не може да не комуницираш со локалците. Тие се многу дружељибиви и сакаат да дознаат од каде доаѓаш, да слушнат нешто, да научат.
Возачот на автобусчето кое нè носеше на повеќе локации цело време си ја пушташе и ја пееше „Вози Мишко“.
Водичот ми раскажуваше како го научил јазикот - малку во училиште, повеќе од туристите кои доаѓаат. И од мене „собра“ повеќе македонски зборови.
Тие приоѓаат насекаде, живеат од туристите и секогаш се обидуваат да те убедат да купиш нешто. Обожаваат да се ценкаат, а јас, како бела и русокоса жена, дури добив и прекар, насекаде ме викаа Шакира, ха, ха.


Проба ли традиционална храна, некој специјалитет што го нема кај нас? Или некој пијалак специфичен за тоа поднебје?
Мислам дека го преполовив живиот свет во Индискиот Океан со оглед на тоа колку морска храна изедов. Не пробав само перка од ајкула, но само затоа што не ми понудија, ха, ха.
Сакав да пробам сè, сите нивни специјалитети. Во главно се јаде морска храна и пилешко, со ориз како прилог.
Уживав бидејќи сè беше многу зачинето, што е логично, затоа што Занзибар е познат и како остров на зачините.
Не знам што би можела да издвојам. Сè беше прекрасно спремено - јастози, ракчиња, октоподи во кари сос, во сос од кокосово млеко...
Барав препорака од готвачите за тоа што им е најдобро и сè беше фантастично.

Пиев од нивниот џин, Коњаги, кој е интересен, но доста појак од нашиот.
Уживав и да пијам од свежо исечен кокос, да јадам плодови од дрвјата кои ги имаше само во шумата со зачини.
Јас сум вистински гурман и слободно можам да кажам дека од досега пробаното, африканската кујна најмногу ми се допаѓа.
Не сум црна, ама може и да се работи за некои претци? Ха, ха, ха...


Каква беше климата? Не е ли претопло во ова време од годината?
Нашата слика за овој дел од Африка е сосема погрешна. Температурите ме изненадија.
Излезе дека нашето Скопје е „вистинска Африка“ што ние ја спомнуваме кога ќе започнат температури над 40 степени.
Во Занзибар температурите цело време беа во интервал од 23 до 27 степени.
Да, во моментот во Танзанија беше зима, но и за време на нивното лето, температурата не се качувала повеќе од 32-33 степени.
За навечер, ми требаше дури и тенка јакна. Би рекла идеално време и идеална клима, барем за мене.
Уште од првиот ден сите се плашевме од комарци, од маларија која некогаш таму земала животи, но можеби поради големата превентива, ниту еднаш не бевме каснати од комарец.
Ни кажаа дека маларијата речиси сосема е искоренета, но повеќето возрасни што ги сретнавме раскажуваа дека како деца биле по неколку пати болни од неа.
За патувањето ни беше кажано дека нема потреба од никакви вакцини ниту превентивни апчиња против маларија и очигледно, тоа е така.


Дали имаше некоја непријатна ситуација?
Ниту една. Единствениот предизвик за кој бев предупредена пред да тргнам беше да бидам внимателна со водата и храната.
Водата во Занзибар не е за пиење. Сè друго е лесно ако се придржуваш до правилата.
Пиење само вода во шише, миење заби со неа, избегнување мраз во пијалаците, јадење само во проверени ресторани, за што имавме искусен водич, Мирјана, и сè беше прилично едноставно. Никој немаше проблеми.
Другиот „предизвик“, ако така може да се каже, беа Масаите кои се буквално насекаде и понекогаш се упорни со продажбата на сувенирите.
Но, тоа навистина не пречи. Целата атмосфера е толку опуштена и пријатна што забораваш на каква било нервоза.


Ако некој сака да оди во Занзибар, кои се твоите препораки - што мора да види или проба, а што не?
Занзибар треба да се доживее со сите сетила - со очи, со вкус, со допир и со срце.
Ако некој планира да оди во Занзибар, мојата главна препорака е да испланира доволно време за таму.
Најважно е да се оди и да се доживее местото по своја мера, без брзање, да се опуштиш и да уживаш.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
