Мартина од Битола ја посети Латинска Америка: „Ми се допадна месото од лама, не ме исплашија криминалците во фавелите во Рио“
- Детали
- четврток, 18 декември 2025
„Во Буенос Аирес го гледав дербито Ривер - Бока и мислам дека секој вистински љубител на фудбалот сонува барем еднаш да го доживее. Таму има луѓе што буквално стануваат од болнички кревет само за да го гледаат својот тим“, вели Мартина за CRNOBELO.com по посетата на Бразил и Аргентина.

Мартина Петровска од Битола е голем љубител на фудбалот и на земјите од Јужна Америка.
Таа, своите две големи љубови, неодамна ги спои во едно - ги посети Аргентина и Бразил, и беше на неколку фудбалски натпревари, каде што во живо ја доживеа магијата да се биде на огромен стадион, со десетици илјади навивачи кои во еден глас скандираат поддршка за својот тим.

За патувањето, кое вели дека ѝ било едно од највозбудливите досега, Мартина раскажа за CRNOBELO:
„Мојата љубов кон Аргентина започна уште во детството, кога многу од нас растевме со серијата Ангели.
Токму таа мала искра од тие години, ме доведе до голема желба - да ја откривам оваа земја одново и одново.
Оваа година ми беше третпат таму, но овој пат моето срце ме однесе во нов, постуден и посуров, но магичен дел - Патагонија.

Патагонија е дел од Аргентина и Чиле исполнета со планини, езера, величествена природа и вкусна храна.
Постојат разни приказни и легенди за тоа дека Хитлер наводно избегал токму во овој дел од Аргентина и дека таму е неговата гробница.

Типична храна за овој регион е месото од лама - првпат го пробав и има вкус сличен на телешко.
Можам да кажам дека месото во Аргентина е навистина квалитетно, без разлика дали јадеш во луксузен ресторан или улична храна, вкусот секогаш е одличен.

Патагонија има повеќе важни места: Барилоче, Сан Мартин де лос Андес, Ушуаја (познат како „градот на крајот на светот“ затоа што е најблиску до Антарктикот), Ел Чалтeн и Ел Калафате. Овој пат за посета ги избрав Чалтeн и Калафате.
Чалтeн е мало село опкружено со планини и врвови, од кои најпознат е Фиц Рој.
Најдобар период за посета на овој дел од светот е од ноември до март, но ветерот е силен во текот на целата година.
Времето е многу нестабилно - во ист ден може да има и сонце, и дожд, и снег.
Доколку сакаш да стигнеш до врвот, ти требаат околу шест часа пешачење, но погледот таму горе е неверојатен.
Ако немаш доволно физичка подготовка за да се искачиш до врвот, има и многу полесни патеки со прекрасни водопади и глетки.

Калафате е оддалечен околу два часа од Чалтeн, и таму може да се види езерото Лаго Аргентино, полно со глечери.
Еден од деновите што најмногу ме воодушеви беше пловењето низ езерото и неверојатните глетки, иако времето беше многу ладно и ветровито, но вредеше за секој момент.
За прв пат во животот видов глечери, меѓу кои и еден од најголемите - Спеґацини.

Патувањето во Аргентина, барем за мене, не може да помине без фудбал.
Повторно отпатував во Буенос Аирес да го гледам дербито Ривер - Бока.
Тоа е најголемото дерби и мислам дека секој вистински љубител на фудбалот има сон барем еднаш да го доживее.
Иако не сум фанатик по фудбал, јас сум фанатик по емоции, а таму емоцијата е начин на живот.
