Мартина од Битола ја посети Латинска Америка: „Ми се допадна месото од лама, не ме исплашија криминалците во фавелите во Рио“
Аргентинците не навиваат - тие живеат за својот тим. На стадион, човек не гледа само спорт, туку гледа љубов, гордост и традиција пренесувана со генерации.
Да се биде на стадион со нив е како да се наполниш со чиста позитивна енергија.
Во нивните очи се гледа колку го сакаат клубот - целото семејство се подготвува, а има луѓе што буквално стануваат од болнички кревет само за да го гледаат својот тим.

По Аргентина решив да посетам и една нова земја - Бразил.
Таму ги посетив Рио де Жанеиро и Сао Паоло. Разликата меѓу тие два града е огромна - Рио е вистинска слика на Латинска Америка, додека Сао Паоло е скоро како Европа.

Во Сао Паоло отидов без никакви очекувања, но ме изненади неверојатно: чист, модерен, луксузен и побезбеден од многу европски градови.
Кога им кажав на блиските дека ќе одам во Бразил, многумина пробаа да ме исплашат со разни негативни приказни, но знаев дека не може да се суди за место на кое не си бил.
Секако, потребно е внимание, но разликата во безбедноста не е поголема од Барселона или Париз.

Разликата меѓу Сао Паоло и Рио се гледа и во фудбалот.
Каде и да одам, имам навика да гледам фудбал - мислам дека така најдобро се запознаваат луѓето и духот на градот.
Палмеирас е тимот од Сао Паоло и на стадионот атмосферата е многу „европска“ - има страст, но поинаква од латинската.
Во Рио, пак, ги гледав Флуминенсе и Фламенго на Маракана. Таму енергијата е на сосема друго ниво: песна, навивање, забава - исто како Бока.
Маракана вибрира со публика која не пее, туку живее.

Една од работите што најмногу ме потресе во Рио беше посетата на фавелата Рочина, која е моето најдлабоко искуство од ова патување.
Место што многумина го гледаат само како опасност, а таму всушност живеат луѓе со свои радости, стравови, надежи. Легални, нелегални, невидливи за државата, но силни меѓусебно.
Таму разбираш дека светот не е црно-бел. Разбираш дека животот е многу послоевит отколку што го прикажува интернетот. И дека понекогаш токму најсиромашните делови носат најмногу човечност.

За да влезеш таму мора да имаш водич кој плаќа „данок“ на локалните групи.
На интернет пишува дека во Рочина живеат околу 72.000 луѓе, но вистината е дека се околу 250.000, повеќето без никакви документи.
Тоа е буквално град во град. Од едната страна се Копакабана и Ипанема, како луксузни населби, а од другата страна се фавелите.
Додека едно дете од богатите делови оди во приватно училиште, друго дете од фавелата расте без документи, заборавено од државата, без можност за образование, а она што му е најблиску е криминалот.

Фавелите се водени од криминални групи, иако само околу 20% од жителите се навистина дел од криминалот. Другите се нормални луѓе кои работат како сите нас.
Во фавелата не е дозволено снимање, освен на главната улица; подлабоко од тоа веќе може да се видат луѓе со оружје на секој агол, подготвени ако дојде полицијата.
Но едно од правилата е дека никогаш не ги крадат луѓето кои живеат во фавелата, па ниту јас во ниеден момент не се почувствував небезбедно.
Можеш да комуницираш со нив, само не смееш да го вадаш телефонот.
