Славица со семејството 2 месеци беше во Тајланд: „Има совршен оброк за 100 денари, но во ресторан со вентилатор и поцрнети ѕидови“
- Детали
- среда, 04 март 2026
„Животот во Тајланд започна со две болни деца, од прв ден, и ова не е некој добар почеток на авантура која ќе трае уште 6 месеци во Азија. Првите две недели бевме напред/назад со здравствени проблеми. Два пати одења по болници, па дури и хоспитализација, но потоа го доживеавме Тајланд со сета своја убавина“, вели Славица од Скопје, на која Норвешка ѝ е дом.

Славица и нејзиниот сопруг се од Скопје, но преселени се во Норвешка од 2012 година. Таа е економист, а сопругот е професор по физичко образование.
Децата им се родени во Норвешка и се на возраст од 11 и 4 години. Тие ги зборуваат македонскиот и норвешкиот јазик како мајчини јазици.

Тие одлучија за заминат на неверојатна авантура наречена „Семејство на пат“ и 9 месеци да водат живот во куфери.
По Македонија, прва дестинација им беше Тајланд, каде се соочиле со многу чудни работи, но носат најубави спомени.
Славица споделува детали за CRNOBELO.com за животот во Тајланд:
Како ви беше на почетокот кога пристигнавте во Тајланд?
Првата дестинација ни беше Бангкок, од таму отидовме за Пукет, потоа на Кох Самуи, па Патаја, за престојот во Тајланд да го заокружиме со уште неколку дена во Бангкок.
Во суштина Бангкок ни беше планиран за само една посета, но уште на првиот ден во Бангкок малечката ќерка качи температура. Ден подоцна и големата, па затоа не успеавме да видиме сè што ни беше планирано од Банкгкок и моравме да му се вратиме.
Тајланд е будистичка земја која изобилува со будистички храмови кои просто се прекрасни. Во Бангкок пак, има повеќе од 400 будистички храмови кои се вистинско доживување да се посетат.

Нас ни оставија силен впечаток Wat arun, посветен на Богот на изгрејсонцето со прекрасни керамички мозаици и главна кула од 70 метри, како и Wat pho со импресивната 46 метри долга статуа на Буда.
Монасите уживаат голема почит од локалното население и се маркантни по изгледот, со своите портокалови наметки.
Нам ни беше фасцинантно да се запознаеме одблизу со будистичката филозофија и културата во Тајланд.

Што најмногу ве изненади во тајландската култура?
Во Тајланд сме биле претходно, така што немаше нешто посебно што нè изненади овојпат.
Ние ги доживуваме тајланѓаните како екстремно пријатни, гостопримливи и топли луѓе. Иницираат контакт, но јазичната бариера не дозволуваше вистински разговор.
Ретко кој зборува англиски дури и од трговците, кои практично живеат од приход кој го добиваат од туристи.

Ретко кој ќе каже и едно едноставно „Hello“. Работата е до таму, што тие и цената на производот кој го продаваат ќе ти го покажат на дигитрон.
А, ако цената не ти се допаѓа, без да прашаш, тие сами ќе ти ја снижат за 50%, исто така покажувајќи ти ја цената на дигитрон. Ценкањето го прават повеќе сами со себе, отколку со тебе.

На што ви беше најтешко да се навикнете?
Има некои банални работи кои во секојдневниот живот ги сметаме здраво за готово, а на кои моравме да се навикнеме дека не можеме да ги имаме.
Најпростиот пример е вода што не можеш од чешма да се напиеш. Или што ниту едно сместување во Тајланд немаше рерна.
Банално, но кога си навикнат на достапност на некоја работа, е баш чудно наеднаш да го немаш.
Од друга страна, во Тајланд сменивме локација 5 пати и на секое пакување на куфер ми беше тешко што ќе си одиме. На неколку пати и на раб на плачење.
Иако на некои места бевме само по една недела, сепак секаде доживеавме моменти на прифаќање и гостопримливост од локалците, што придонесоа, да од никаде не ни се одеше.

Дали децата се навикнаа лесно на новата средина?
Не им требаше време на навикнување, зошто на убаво е лесно да се навикнеш.
Народот е екстремно благонаклонет кон деца и моите ќерки добиваа многу внимание на улица од локалците. Ќе им мавнат, ќе ги поздрават, ќе ги погалат во од или ќе им дадат нешто.

Неверојатна гостопримливост и блискост. За нив, кои се родени и живеат во Норвешка и се навикнати на северниот индивидуализам и затвореност, сето ова беше многу чудно, но и пријатно искуство.
Добиваа мандарини од локалната пиљарка, гуава од бабичката со овошната тезга, чипс од дедото од каде купувавме смути, дури и нови неотпакувани приврзоци за клуч и ланче од луѓе кои само еднаш ги видовме.
Прочитајте и Славица од Скопје 12 години живее во Осло: „Стан од 60m2 чини 348.000 евра, Норвежаните одат на одмор во Норвешка“

