Марио од Скопје го посети Рио: „Криминалци со пушки те поздравуваат нормално во фавелите, туристите таму се најбезбедни“
- Детали
- недела, 15 март 2026
„За време на карневалот луѓето стануваат во 5 наутро за да одат на улични забави наречени „блокоси“, а во текот на денот низ градот се одржуваат над 150 различни блокоси. Дел се мали квартовски забави, а некои прераснуваат во мега-спектакли со над 1 милион луѓе на улиците“, вели Марио за посетата на Бразил, за CRNOBELO.com.

Марио Стојковски е маркетинг професионалец од Скопје, кој неодамна го посети Бразил, и тоа во време на карневалот во Рио.
Тој го виде градот и од воздух, се прошета низ фавелите во Рио, посети многу утрински забави (блокоси), играше фудбал на Копакабана.
И сето тоа, вели, направило ова патување да не го памети само по фотографиите, туку е патување кое му ја сменило перцепцијата за светот.

За својата бразилска авантура, Марио раскажува за CRNOBELO.com:
„Од Скопје тргнав со чувство дека одам на далечна, егзотична дестинација.
Летот прво ме однесе до Истанбул, па преку океан до Сао Пауло, а од таму до Рио де Жанеиро.
Тоа беше долг, исцрпувачки пат. Но во моментот кога авионот почна да се спушта над градот опкружен со планини и океан, знаев дека пристигнувам на место кое не личи на ништо што сум го видел досега.

Во Рио пристигнав за време на карневалот, недела кога градот буквално функционира 24 часа дневно.
Најневеројатниот дел? Луѓето стануваат во 5 часот наутро за да одат на улични забави наречени „блокоси“ (blocos).

Во текот на денот, низ градот се одржуваат над 150 различни блокоси.
Дел од нив се мали квартовски забави, но некои прераснуваат во мега-спектакли со повеќе од еден милион луѓе на улиците.

Маскирани во најразлични костими - од креативни, смешни, провокативни, до целосно уметнички - луѓето танцуваат, пеат и се движат низ градот како река од енергија.
Тоа не може да се опише. Само може да се почувствува.

Бразилците живеат за таа недела. Целата година ја подредуваат на тие неколку денови.
И додека ти мислиш дека после цел ден на сонце ќе бидат изморени, тие продолжуваат да се забавуваат пак од навечер до рано наутро.

Самбодромот(Sambódromo), официјалниот дел од карневалот, е спектакл што се подготвува цела година и вечерните часови се резервирани за него.
Тоа се случува во огромен стадион изграден специјално за карневалските паради.
Таму, секоја вечер настапуваат различни самба-школи кои цела година подготвуваат костуми, сценографија и кореографии.

На подиумот истовремено танцуваат повеќе од 5.000 луѓе.
Огромни подвижни конструкции, високи неколку метри, светла, музика, бои - сè е на ниво на спектакл каков што тешко може да се види каде било во светот.

