Марија Главчева за животот во Чикаго: „Многу македонски деца има овде, а сите тие можеа да растат во Македонија“
- Детали
- петок, 20 март 2026
„Живеам во околина на Чикаго, ме нервираат измамниците, да ти е страв да кренеш на телефон, не знаеш дали ти ѕвонат да те лажат или измамат. Кога ќе почнеш да живееш тука - те удира реалноста во лице. А тоа е дека не е розово воопшто, парите не паѓаат од небо и треба да си ја сфатиш сериозно работата“, вели Марија Главчева, наша новинарка која почна да снима и подкаст со Македонците во САД.

Марија Главчева (37) родена е во Гевгелија, а сега живее во околината на Чикаго. Таа е новинарка, авторка и водителка на подкастот „Марија во Америка“ на YouTube.

Нејзиниот сопруг Ивица по потекло е од Битола и во брак се веќе 5 години и ги имаат синовите Мартин (5) и Адриан (3).

Марија споделува детали за живтот во САД и работата таму:
Колку време живееш во САД и како се одлучи на ваков чекор?
Живеам во САД веќе 10-тина години. Не беше едноставна одлуката да дојдам и да се борам за подобро утре.
Неколкупати доаѓав во Америка и се враќав назад во Македонија, но во 2015 година решив да дојдам, да живеам, да се снајдам и изградам свој дом подалеку од топлиот дом во Македонија.
Мајка ми исто има голем удел во моето доаѓање во САД, ми беше и сè уште ми е голема поддршка и ветер во грб за сите предизвици и успеси.

Зошто токму САД? Кое место поточно и како ти изгледа еден ден?
Никогаш не се замислував себеси да живеам во Америка. Мене ми беше убаво во Македонија, имав кариера, бев среќна и исполнета. Но, чудни се патиштата Господови, она што најмалку го очекуваш и се надеваш ќе ти се случи.
Мене ми се случи преселбата во Америка, конкретна причина немам, едноставно предизвикот за подобро утре ме донесе овде. Желбата за успех, просперитет и напредок ме исправи пред предизвикот да дојдам во САД.

Живеам во населба во околината на Чикаго, среќна сум и реализирана.
Најчесто кога се работни денови, децата ги носам на претшколски активности (градинка), па завршувам обврски како професионални, така и домашни. Па, приквечер дружба со децата, сопругот и завршил денот.
А викендите се резервирани за шетање, снимања, родендени, активности, некогаш не стигнува времето за сè.

Се заработува ли добро за живот таму? Со што се занимавате со сопругот?
Тоа зависи и е индивидуално. Америка може да биде мајка или маќеа, важно е како си се посветил.
Ако си упорен и ако работиш вредно, може да заработиш убаво. Има фер игра, правилата се за сите исти и ако те бива ќе успееш.

Со сопругот работиме во фамилјарната транспортна компанија.
Идејата за подкастот ми дојде уште пред две години, му кажав на сопругот и немаше кај да бега. Беше само прашање на време кога ќе се почне.
Се создадоа некако услови за да почнеме и еве сме со подкастот „Марија во Америка“.

