Ќерка и татко од Македонија беа 3 месеци на пат: „Беше авантура со автомобил, стигнавме до Канарските Острови“
- Детали
- вторник, 03 февруари 2026
„Татко ми, Секула Пановски (56) е мојот постојан сопатник и најважниот дел од оваа авантура. Со него традиционално ја посетуваме Шпанија со автомобил, но оваа тура ни беше најголемата авантура досега“, вели Сања Пановска (33) од Скопје и додава дека неговото искуство и смиреност се темел на нивната патувачка традиција.

Сања Пановска (33) дипломиран економист и сoпственичка на сопствен бренд за накит, но пред сè љубител на патувања и животни приказни што се создаваат надвор од комфорната зона.
Таа за себе вели: „Патувањето за мене не е бегство, туку начин да учам, да се поврзам со луѓе и култури и да ги собирам оние мали моменти што подоцна стануваат највредни спомени“.
Со неа патува татко ѝ, Секула Пановски (56) - нејзин постојан сопатник и најважниот дел од оваа авантура, според неа. Таа вели дека она ја прави организацијата, но неговото искуство, смиреност и поддршка се темелот на нивната патувачка традиција, која ја градат веќе три години по ред.
Сања Пановска за CRNOBELO.com споделува:
„Нашата љубов кон Шпанија започна пред три години, кога сакав да ги почувствувам нејзините острови, како Мајорка, Менорка, Ибица, Форментера), културата, топлиот народ и едноставните радости - чаша сангрија, добра паеља, тапаси и долги вечери што завршуваат без план.

Оттогаш, секое лето се враќаме, но никогаш не ги повторуваме истите места. Освен Барселона и Бенидорм – тие ни станаа традиција.
Сè друго е ново, непознато и токму затоа возбудливо.

Оваа приказна не е водич за дестинации, туку сведоштво за патување кое не може да се спореди со „авион – хотел – назад“.
Таа е за бавниот пат, за споделените моменти со татко ми, за Европа видена од волан, за бродови што носат кон нови хоризонти и за Канарските острови како крајна точка на една авантура што нè промени и двајцата.

Патувањето започна од Скопје, но вистинскиот пресврт се случи во Џенова, во моментот кога се качивме на бродот. Одеднаш, патот престана да биде линија и стана чувство.
Денот на отворено море ја има таа ретка моќ да го забави времето – без обврска, без брзање, само хоризонт што се повторува и мисли што се расчистуваат.

Бродот не беше превозно средство, туку простор на тивка трансформација: момент кога го оставаш копното зад себе и свесно влегуваш во непознатото, со доверба дека токму таму започнува вистинската авантура.

Пристигнувањето во Барселона секогаш има посебна енергија. Уште од моментот кога бродот се доближува до пристаништето, градот те пречекува со светлина и живот.
Иако веќе добро ја познавам, Барселона никогаш не ми е иста.

Секојпат ја чувствувам поинаку – низ улиците, морето, луѓето и тој специфичен ритам што те тера да забавиш и да уживаш.

По неколку дена, го продолживме патот кон Калпе. Costa Blanca за нас не е непознат простор. Во претходните години веќе ги имавме доживеано Валенсија, Аликанте и Бенидорм, градови што ни го открија карактерот на овој дел од Шпанија.
Возењето покрај шпанското крајбрежје е искуство само по себе.

Калпе нè пречека мирно, со сино море и оној познат поглед кон карпата Peñón de Ifach. Таму темпото целосно се смени – прошетки покрај плажа, многу ориз и свежа риба и чувство дека телото конечно се усогласува со морето.
Потоа, Алтеа (Costa Blanca). Ах, уметничката душа на Costa Blanca.

Алтеа важи за едно од најромантичните места во регионот. Бел град, тивок, со калдрмисани улички и поглед што те тера да забавиш.
Во Бенидорм повторно се вративме и оваа година. Град кој не глуми, жив, гласен и директен.
