Мајка од Скопје за камперскиот живот: „Моите најубави детски спомени се од Градиште, го сакам тоа и за ќерка ми“
- Детали
- среда, 25 јуни 2025
„Моите најдраги спомени од детството се поврзани со Градиште и затоа сакав љубовта кон кампувањето да ја пренесам на мојата ќерка Евгенија (12). Според мене кампувањето е најголемиот подарок кој може да се даде на едно дете…“

Секоја мајка за своите деца го сака најдоброто, па така и една мајка од Скопје вели дека за својата ќерка го посакувала она што за неа самата било најубав спомен од детството - камперскиот живот.
Таа вели дека е среќна што како семејство се во можност секоја година да одат на кампување во Грција, а нивната 12-годишна ќерка Евгенија да останува и по цели 3 месеци на море.
Евгенија е позната на Инстаграм преку профилот „Sparkly Daughter“, каде има повеќе од 12.000 следбеници.
Мајката на Евгенија за CRNOBELO.com за камперскиот живот вели:
„Ако треба на кратко да опишам како изгледа кампувањето сигурно би било: 'Куќа на море со најголемиот двор'.

Моите најдраги спомени од детството се поврзани со Градиште, незаборавно детство, спомени кои се неповторливи, пријателства кои ден денес траат и премногу сакав љубовта кон кампувањето да ја пренесам на Евгенија.
Години наназад, каде и да одевме на одмор, задолжително мораше барем неколку дена да поминеме во апартманите кај камповите под Олимп и знаев дека еден ден мора да имаме приколка таму.

Кога купивме приколка мислам на сите ни се оствари најголемата желба.
Според мене кампувањето е најголемиот подарок кој може да се даде на едно дете.

Во време кога технологијата го зазема секојдневието на нашите деца, воздухот има мирис и боја, природата и чистиот воздух кои ги нуди местоположбата и совршената клима тука, во комбинација со опцијата детето максимално да се осамостои и да ја има целата слобода, е највредното училиште.
Првата година за во камп се подготвуваа куфери со тони облека, сега е веќе научена лекцијата - костимите за капење, лесна и практична гардероба, апостолки и даска е сè што ѝ треба за во камп.
Бенефити од кампувањето има мал милион и еден огромен минус - можеме да останеме само 90 дена…

Кампот е отворен од мај до крај на септември, ние фамилијарно се ротираме, а ќерка ми Евгенија останува со сите како би искористила максимум лето под ѕвездено небо.
Кампувањето е лекција за цел живот - нуди слобода каква што нема на ниедно друго место, безгрижни дружби, нови познанства, можност да заспиваш и да се будиш со звукот на брановите, учиш да се снаоѓаш во секакви ситуации.
