Ќерка и татко од Македонија беа 3 месеци на пат: „Беше авантура со автомобил, стигнавме до Канарските Острови“
Гибралтар - точка каде што Европа и Африка си подаваат рака. Карпата, погледот чувството дека стоиш на граница меѓу светови. Тоа беше момент кога навистина почувствував дека патуваме низ Европа не само географски, туку и животно.
И токму од таму од Гибралтар ја напуштивме Шпанија и зачекоривме во Португалија, регионот Алгарве, каде што престојувавме во Лагос и Албуфеира.

Албуфеира има силен ноќен живот и жива енергија, додека Алгарве како целина нуди драматични брегови и океанска моќ.
Следеше Кадиз, град со длабоки корени и поглед кон Атлантикот, по што се качивме на траект. Патувањето по океан траеше два дена – долго, мирно и моќно.

Островите ги поврзувавме со брод – секое патување траеше околу два часа, доволно време да го гледаме океанот како се менува и да почувствуваме дека навистина патуваме, а не само пристигнуваме.
Ланзароте беше првиот Канарски остров што го допревме и уште на самиот почеток ми стана јасно дека не доаѓаме на обично место.

Островот изгледа како друга планета – црна земја, вулкански карпи и пејзажи што те тераат да застанеш и да молчиш. Овде природата не се обидува да биде убава, туку моќна.

Гран Канарија, остров кој како да содржи повеќе светови во еден. Северот е зелен и свеж, југот сув и сончев, а градовите пулсираат со живот. Токму тука најмногу ја почувствував разновидноста на Канарските Острови.
Фуертевентура ми влезе под кожа. Не знам точно кога се случи, но знам дека се пронајдов во нејзината сила. Во ветерот што не запира, во просторот што дише, во чувството дека не мораш да бидеш ништо друго освен присутен.

Овој остров не ми даде одмор – ми даде јасност. И токму затоа, Фуертевентура остана најдлабоко врежана во мене.

На Тенерифе не стигнавме како туристи, туку како луѓе што поминале пат. Последниот остров нè пречека со тишина, вулкани и океан што не простува површност.

Под сенката на Теиде, со сол на кожата и умор што не тежи, туку смирува, ја затворивме нашата тримесечна авантура.

Тука, на крајот од Европа и на почетокот на Атлантикот, разбрав дека најголемата дестинација не беше местото – туку патот што го изодевме заедно“.


©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело