Исидора Здравковска (27) за животот на Малдиви: „Слетав во хаос на Мале, јадев дома кај локалци, пливав со ражи“
- Детали
- вторник, 26 мај 2026
„Малдиви со години ми беше дестинација што ја гледав по разгледници и Инстаграм фотки, и, за моја среќа, спонтано стана мој „дом“ на месец и половина. Една од најинтересните активности ми беше и собирањето и отворањето кокоси на островот Тинаду, мислам дека сè уште го чувствувам вкусот на свеж кокос во устата. Ах, а и ручекот од локално малдивско семејство...“, вели Исидора Здравковска (27) од Скопје.

Исидора Здравковска (27) од Скопје е туристички водич и вљубеник во „талкање“ низ светот и создавање содржини за социјални медиуми.
Таа вели дека имала задоволство краток период Малдиви да го нарекува свој дом и, иако тоа било само месец и половина, таа носи искуства и спомени за цел живот.

Исидора споделува како ѝ изгледал животот на Малдиви:
„Малдиви со години ми беше дестинација што ја гледав по разгледници и Инстаграм фотки, и, за моја среќа, спонтано стана мој „дом“ на месец и половина.

Кога ќе се спомене Малдиви, најчесто првата асоцијација е луксуз, куќички над вода, бели песочни плажи, палми и бескрајно тиркизен океан...
И тоа не е далеку од реалноста, но моето искуство таму ми покажа дека оваа островска држава има многу повеќе да понуди.

Комбинација од автентичен локален живот, мали рибарски островчиња, насмеани луѓе, неверојатна природа и чувство дека животот таму се движи во многу помирен ритам - сега тоа е мојата асоцијација за Малдиви.

Инаку оваа дестинација јас ја посетив зимава, во февруари и март.
Нормално, патувањето секогаш започнува со слетување во главниот град Мале - тука те дочекува хаос и гужва, нешто што сигурно никој не си го замислил кога помислувал на оваа дестинација.

Само имајте на ум дека Мале е еден од најгусто населените градови во светот, па затоа улиците секогаш се многу живи и полни со мотоцикли.
Но, токму тоа е првото локално искуство со коешто се соочувате кога ќе пристигнете во „рајот“.

Всушност, самиот аеродром се наоѓа на друго островче веднаш до Мале – Хулхуле, но до главниот град се пристигнува за 3-4 минути со брзи бродови.
Тука глетката е постојано иста: илјадници туристи што циркулираат постојано и се движат кон пристаништето од каде што се упатуваат кон останатите острови за да го уживаат својот одмор од соништата.

Оваа островска држава е составена од повеќе од 1.000 острови, групирани во 26 атоли.
Нормално, не се сите населени и достапни за туристи - такви се околу 200, а повеќе од 100 се претворени во убави и луксузни ресорти.

