Исидора Здравковска (27) за животот на Малдиви: „Слетав во хаос на Мале, јадев дома кај локалци, пливав со ражи“
Секако, нашата крајна дестинација е островчето Маафуши, еден од ретките острови каде што туризмот е доста застапен, но сепак, го задржува својот автентичен локален дух.

За разлика од приватните ресорти, Маафуши е остров што ти дозволува да го почувствуваш секојдневието на локалното население, нивниот вистински живот и нивната култура.

Мојот омилен дел од денот беше времето поминато под вода. Јас отсекогаш сум била човек што обожува да нурка и да поминува време во вода, па затоа ова ми беше полн погодок.
Кристалната тиркизна вода на Индискиот Океан е нешто што не може да не ве освои.

Од нуркање со ајкули, ражи, морски желки и „Немо“ рипки, до набљудување прекрасни корални гребени и подводни суштества што дотогаш ги немав видено – секое наредно искуство во океанот за мене беше посебно.

Морам да споделам дека уште од мала имав голема желба да испробам scuba diving - нуркање со професионална опрема (кислородни боци, маска, пераи...) и токму на Малдиви имав можност да си ја исполнам таа желба.
Чувството за мене е неописливо – нешто што може да се разбере само ако се доживее. Како што имам напишано во една моја Инстаграм објава, ова за мене беше уште еден потсетник дека ние, луѓето, дефинитивно не сме центарот на светот...

Покрај подводните авантури, многу убав дел од престојот тука е и посетата на многубројните sandbanks - песочни насипи среде океан.

Кога ќе пристигнете имате чувство како да сте на пуст остров, буквално се наоѓате на место каде што има само песок и ништо друго, а околу вас тиркизен океан и хоризонт до недоглед.

Зајдисонцата се исто така нешто што треба да се доживее и почувствува. Никогаш претходно не сум видела толку магично небо што менува бои во само неколку минути.
Портокалова, розова, виолетова... и сето тоа рефлектирано на океанот. Набљудуваш, воздивнуваш и продолжуваш понатаму, исто како и во животот.

