Кико Митев: „Бев меѓу последните туристи на Мачу Пикчу пред да го затворат поради короната“

Постојат луѓе кои не се плашат да експериментираат со животот, да менуваат средина, професија. 

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 2

Обожава да патува, но и да готви. Кико работел како готвач во италијански ресторани во Германија и во Англија и вели дека одлично се снаоѓа во кујна. Тој е човек кој сака искрени и позитивни луѓе, љубител е на пишаниот збор и се труди слободното време да го минува во природа.

Десет години тренирал карате, а неколку години известувал како новинар за спортските случувања, така што спортот е многу важен сегмент од неговиот живот.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 6

Кико секогаш е расположен за добар разговор и аргентински Малбек. Себеси се доживува како гласот на безгласните. Од неговите патувања низ светот, кои може да ги следите на неговиот инстаграм профил @hristijanmitev, научил дека секој има импресивна приказна, дека секој е посебен во нешто, а тој се чувствува како мост помеѓу луѓето кои ги запознава и оние кои го следат.

Ако треба уште повеќе да го доближиме идентитетот на Кико тогаш ќе кажеме дека тој е неуморен патник кој се обидува да научи нешто од секој поминат километар. Освен тоа тој е брутално искрен спрема себеси, а на моменти и премногу критичен.

Во јануари од Богота тој го започна своето ново патешествие.

„Она со што се соочив во првите моменти кога пристигнав таму беше проблемот со висината, Богота се наоѓа на 2 500 м.н.в и тоа беше многу тешко за мене. По неколку дена кога ја почувствував средината сфатив дека системот во кој живееме ние не направил да бидеме покрути во односите со другите луѓе, потешко се опуштаме и многу ни е важно другото мислење, овде воопшто не е така.

Немој да бидете изненадени доколку некој на улица ви се насмевне, добиете комплимент, ве покани да играте или на ручек. Многу се природни и спонтани во односите и тоа ги прави посреќни“, започнува да раскажува Кико за првите денови од неговото патување.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 8

Кога излегува да шета секогаш со себе носи ранец и уште една-две маици. Таму не се седи на маса на излегување, во Богота подиумот е ваш. Вели дека Салса и регетон ечат до раните утрински часови.

„Често ме прашуваат зошто Јужна Америка? Секој кој ја почувствувал знае многу добро зошто. Пред сè многу одамна чувствував посебна конекција со ова место, а сега ова чувство е уште подлабоко.

Долгите песочни плажи и забавите на бреговите, Андите со својата величественост и непредвидливата Амазонија ќе ве натераат многупати да се прашате дали е можно сето ова да е на еден континент? Сето ова надополнето со неверојатна храна (севиче, емпанада, арепас…), многу музика и најубавите жени на светот, што друго човек би можел да посака?“, открива тој.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 11

Во Јужна Америка стандардот е сличен како и во Македонија, но кога човекот патува на подолг период секогаш гледа да помине поевтино. Таа потреба, на Кико му ја открила енергијата која ја кријат отворените пазари низ градовите на Латинска Америка.

Не постои ден, а тој да не е таму со локалците кои трпеливо го учат за нивните производи, разговараат со него за животот, за храната, за плановите. Истовремено многу учи и за нивната култура и животен стил. Сите тие луѓе ги доживува како туристички водичи, дознава за тоа како се хранат, каква е нивната куповна моќ, што ги нервира, на што се радуваат…

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 9

„Моето патување започнав во Колумбија и преку Еквадор стигнав во Перу. До сега сè се одвива одлично, но поради вирусот морав да останам во Перу. Не очајувам поради тоа, најверојатно треба нешто да научам овде! Во овие моменти кога застанав малку, сфатив колку многу места и луѓе сум запознал во последните два месеци“, се надополнува Кико.

Неговата следна дестинација е Боливија, а потоа Чиле, Аргентина и Бразил. Уште многу авантури и предизвици стојат пред него. Тој е подготвен, само чека зелено светло за да продолжи понатаму.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 7

„Комуникација со локалците! Лекција број 1 за сите кои патуваат. Најмногу може да научите за местото, културата и сè она што ја карактеризира една нација токму од нив. Јас најчесто спијам во хостели, а тоа е одлична можност да се запознаат локалците, но и како што наведов погоре, отворените пазари се одлично место.

Секогаш започнувам разговор со луѓе кои ми изгледаат интересно и од кои можам да научам нешто ново. Она што нè учеле од мали дека не треба да разговараме со непознати лица е всушност најголемата грешка, се започнува со еден збор, бидете храбри и започнете разговор со непознат“, искрено советува Кико.

Во неговиот ранец може да се најде по нешто од зимска и летна облека, обувки, книги, камера, дневник, средства за лична хигиена, слика од неговото семејство и македонско знаме.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 10

„Мачу Пикчу, едно од седумте светски чуда, едно од најпосетуваните места на светот и една од неостварените желби на голем број луѓе. Патот до таму е приказна за себе, тешко се стигнува до овој локалитет, но на врвот ќе сфатите дека навистина вреди.

За да се стигне до Мачу Пикчу постојат две опции, првата е со воз од Куско па се до самиот локалитет (250 долари) и сè се одвива во еден ден, а втората е за оние со помал буџет, но и за вистинските авантуристи, со комбе од Куско и потоа пешачење до самиот врв (100 долари) за два дена“, раскажува тој.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 5

Кико ја одбрал втората опција. Заминал со комбе од Куско во 7 часот наутро и по 6 часа возење (120 километри) пристигнале на локација 12 километри оддалечена од Мачу Пикчу. Таму повторно имале две можности: со воз до селото Мачу Пикчу (35 долари) или четири часа пешачење низ планината.

И туку ја одбрал втората опција. Вели дека патот бил навистина напорен, но енергијата која ја почувствувал таму била неверојатна. Имало околу 1 000 луѓе од целиот свет кои се стремеле кон исполнување на својот сон. М

Многумина од нив целиот пат го поминале и без зборување, посветувајќи си го моментот само за нив додека се движеле кон врвот.

FotoJetwdaa

„Во селото пристигнавме во 18:30, преморен решив да ја прескокнам вечерата и веднаш заспав, најтешкиот но и најубавиот дел следуваше следното утро. Се разбудив во 3:30 и се подготвив за заминување кон Мачу Пикчу, следуваше еден час пешачење низ непредвидливите Анди, во целосна темнина и голем страв да не бидам нападнат од диви животни.

По еден час, конечно видов светло, на контролниот пункт каде ја покажувате вашата карта, ви посакуваат среќа и потоа уште еден час пешачење кон врвот (најтешкиот дел) искачувате стрмни скали направени од камења и само една мисла ве движи напред, губите сила, се прашувате дали вреди и кога ќе заврши ова лудило?“, се присетува тој.

Кога сказалките на часовникот покажало 6 часот, тие пристигнале на портите пред локалитетот. Таму ги чекал овластен туристички водич и заедно се препуштиле на авантурата низ едно од седумте светски чуда. Првите два часа ги поминале низ руините на Мачу Пикчу, патувале низ историјата, воодушевени од мудроста на Инките и она што се постирало околу нив.

Во еден момент му исчезнале сите прашања од главата и Кико уживал во комплетното откритие на американскиот историчар Хирман Бингам, кој во 1911 година го открил она што на Шпанците не им успеало во 16 век.

Потоа се упатиле кон планината Мачу Пикчу, која е на 3 061 метри надморска висина и оттаму имал можност да ужива во изгубениот град на Инките. По 16 часа пешачење и речиси без сила, Кико бил еден од последните туристи на Мачу Пикчу. Поради корона вирусот, локалитетот бил затворен.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 3

„Во мојот живот имам круг од 6 луѓе кои ги почитувам и сакам најмногу, мојот круг на пријатели е огромен, но овие 6 луѓе се нешто посебно за мене и секогаш се обидувам да бидам во контакт со нив каде и да сум. Кога се работи за некоја важна одлука во мојот живот се консултирам со нив!

Инаку, човекот кој знае се за мене и моите патувања е мојот брат, речиси и да не поминува ден, а да не се слушнеме, споделиме слика или слично. Разговорите со него ми даваат сила да продолжам, ме мотивираат, ме инспирираат и благодарение на него се трудам да бидам колку што е можно подобар во секое поле“, додава тој.

Најдоброто искуство му се има случено во Амазонија, длабоко во џунглата каде поминал една недела без технологија, струја и комуникација со надворешните свет. Таму имал три церемонии со ајахуаска и вели дека по ова искуство животот никогаш нема да му биде ист. Љубовта и мирот кои ги почувствувал по овие ритуали не се опишуваат.

pateshestviet na neumorniot patnik kiko mitev od bogota do macu pikcu gradot na inkite 12

„За едно патување како ова, потребна е многу добра организација, но не и многу финансиски средства, сепак мора да се спомене дека ако го следите овој модел тоа значи волонтирање, намалена слобода, помала приватност и слично. Сега се отвора прашањето дали вие сте подготвени да ја платите оваа цена?

Јас не патувам на овој начин затоа што благодарение на мојата напорна работа во последните три години низ Европа, можам да си дозволам околу 6-7 месеци да патувам без да работам. Но морам да напоменам дека во изминативе три години имаше моменти кога работев и по три работи, 12 часа на ден некогаш со недели без слободен ден. Многу дисциплина, откажување од многу работи и создавање на приоритетна листа за да можам да го искусам сето ова“, потенцира Кико.

Ова патување ќе го памети по личната трансформација и сфатил дека со менување на навиките се прават чуда. Посочува да се земени „не можам“ во „можам“ и „немам време“ во „ќе најдам време“ и да следите што ќе се случува.

Патешествието ќе го памети по луѓето кои оставиле трага врз него и по неколкуте места кои не сакал да ги напушти, а со сигурност знае дека повторно ќе им се врати некој ден.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Бранко Илиески за патувањето во Перу: „100 пати да се вратам на Мачу Пикчу, нема да ми биде здодевно... „Во Перу јадат и морски прасиња. Ги печат на жар, како во фурна. Секако дека про...
Марио Савовски го посети Рио де Жанеиро: „Другари беа пречекани со пушки во фавелите, но градот ме п... „Едно нешто што не бев свесен е колку е всушност исполнет со ридови и планини са...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg