Марко Џамбазоски (28) патува низ прекрасни предели на нашата држава и ги овековечува со фотки

Ќе поразговараме со Марко Џамбазоски (28) од Скопје, уште еден вљубеник во уметноста, патувањето, истражувањето и осознавањето на непознатото. Неговата примарна професија е поврзана со филмската индустрија: режија, сценарист, актер, а и музичар. Патувањето и фотографијата од хоби прераснале во вистинска пасија.

BeFunky collage

Марко пред неколку години имал интересно искуство – триесетдневно патување низ Европа каде посетил десетина држави и двојно повеќе градови. Кога се вратил од патувањето, се запрашал зошто толку копнее да го запознаеме светот, кога не ги знаеме убавините на нашата татковина. Си ветувал дека ќе ја истражува Македонија и од тогаш почнал да трага по сокриените и помалку познати места во Македонија. Неговите авантури ги објавува на својот профил @markodzambazoski.

Мислам дека воведот е доволен за да сфатат читателите на CRNOBELO.COM дека Марко е уште еден авантурист, па затоа фокусот на разговорот ќе го ставиме на патувањето и убавините на Македонија. Ќе почнеме со едно прашање што често го поставувам на луѓето, кажи ми како ја претставуваш својата земја пред странци?

Добивам бројни пораки од странци кои се интересираат за нашата земја, но мојата првична цел е убавините на Македонија да им ги „сервирам“ на сограѓаните. Затоа што се уверив дека недоволно си ја познаваме државава. А, тоа што го поседуваме не само што е за нас лесно достапно, туку ако се отиде ќе се види дека крие уникатни природни и културни убавини, какви што многумина сметаат дека може да се најдат само во некои егзотични краишта на светот.

За жал, самите си ја потценуваме Македонија како дестинација, иако крие неверојатен туристички потенцијал. 

Потценувањето отсекогаш постоело и ќе постои. Марко како ти ја доживуваш Македонија?

Магична и непредвидлива.

Летово пак немавме преголем избор за патување во странство, па кормилото си го свртевме на нашата земја. Како гласи твојот список на посетени дестинации за ова лето?

Овој период од годината, се препуштив на патувањето и истражувањето на Македонија и посетив околу триесетина селца и планински предели, од Осоговието и Малешевијата, преку местенцата во Овче Поле, прекрасната Шара, сѐ до Мариово и селата под Пелистер. А последното, решив да се стационирам осум дена со шатор на една пуста плажа во близина на Охрид каде што успеав да ги наполнам батериите како никогаш досега и да се подготвам за нови предизвици.

View this post on Instagram

A post shared by Marko Dzambazoski (@markodzambazoski)

Сите си имаме омилени места, но кои се твои топ дестинации што секој Македонец е препорачливо да ги посети?

Мислам дека не постои рецепт за тоа кои дестинации секој Македонец треба да ги посети. Секој треба да си го пронајде својот рај, односно места кои нему ќе му се допаднат и во кои ќе се чувствува исполнето.

Но, доколку сте љубители на недопрената природа би препорачал да ги прошетате Кожуф, Малешевијата, Шар Планина, да ги посетите селата Врбен и Дихово, да го посетите изворот на Бабуна, селцата во Мариово и Овче Поле...

Од толку многу патувања сигурно имаш материјал за раскажување со денови. Расположен си да споделиш со нас некои интересни ситуации од твоите патешествија?

Обожувам кога ќе тргнам на некое патување без никаков план. Честопати користам една стратегија која ми го буди авантуристичкиот дух – пред да тргнеме на пат со пријатели, на мапа, по случаен избор одбираме место за кое не знаеме што крие и без никакви очекувања тргнуваме и истражуваме. Најчесто, овие авантури излегувале најинтересни и би препорачал секој кој се смета за авантурист да ја испроба оваа стратегија.

Дуалноста постои насекаде, па дури и во патувањето. Кога веќе го сподели интересното, можеш ли да ни дошепнеш и за непогодните моменти во кои се имаш најденото ти и твоите пријатели?

Секако, секогаш се случуваат некои ситуации кои не биле по план – паѓања во студени реки, блиски контакти со змии, „губење на компасот“ и трагање по вистинскиот пат за назад, За среќа, сѐ уште не сум се нашол во некоја „посериозна“ непогодна ситуација.

Нека остане и на тоа. На никого не му се потребни дополнителни грижи и потешкотии. Ајде да речеме сега ти се најавуваат пријатели од странство кои сакаат да патуваат низ Македонија, каква агенда од недела дена би им организирал за подобро да ја запознаат нашата земја?

Веројатно тоа би било некоја комбинација од ретки природни убавини и мали, поднапуштени селца каде што ќе можат да ја почувствуваат гостопримливоста од неколкуте останати бабички и дедовци, кои се најчесто многу среќни кога ќе видат дека некој конечно го посетил нивното село. 

Интересно, интересно. Но, без што не заминуваш на патување?

Без ранецот во кој ги носам фотоапаратот, GoPro камерата, сендвичите и вода, секако.

Езеро или планина?

Зависи до расположението, но најважно ми е да не е некое комерцијално место, туку да е локација каде што ќе можам да се оттргнам од секојдневието и да се поврзам со природата. Доколку треба да одам денес би ги искомбинирал и двете. Веројатно нема ништо подобро кога после долго пешачење ќе се фрлиш во вода. 

Што најмногу сакаш да доловиш со твојот фотоапарат?

Сакам кога преку фотографијата ќе успеам да му доловам чувство на гледачот како самиот тој да е присутен на местото каде што е направена фотографијата, односно слика која на гледачот може да му ги разбранува и рецепторите за мирис и слух.

На кои фотки си посебно горд што ги имаш направено?

Речиси сите кои се објавени на мојот Инстаграм профил.

Кои места во Македонија ти останaа непосетени, а планираш да ги посетиш наскоро?

Како што кажав во едно од претходните прашања, навистина не практикувам да планирам, напротив, сакам да се препуштам на спонтаноста. Она што сум сигурен е дека Македонија крие уште многу неистражени предели кои сакам да ги видам и оставам на времето да покаже каде ќе ме однесе патот.

Автор: Е.Х | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg