Даница има 2 викендички на Кожуф: „Додека седевме со друштво, дојде волк и ни го изеде месото, а ни доаѓаат и срни да пијат вода“

„До селото Радња, каде што се наоѓа една од моите викендички на Кожуф, се стига со џип или пешки, јас пешачам 10km и често сретнувам диви ѕверки. Природата е недопрена и прекрасна со најчистата река, а кога сме се собирале со друштво, често сме имале интересни ситуации со волци, срни и други диви животни“ – раскажува за CRNOBELO.com Даница од Кавадарци, која често ужива во убавините на Кожуф.

danica-ima-2-vikendichki-na-kozhuf-dodeka-sedevme-so-drushtvo-dojde-volk-i-ni-go-izedete-mesoto-a-ni-doagjaat-i-srni-da-pijat-voda-01.jpg

Даница Стојановска од Кавадарци е социолог по професија и лиценциран туристички водич, чиј патнички ранец постојано е спакуван и подготвен за нови авантури и планинарски тури. За неа Кожуф е добро познат терен, благодарение на двете викендички што ги има на планината, Даница голем дел од времето поминува во тој простор со недопрена природа.

Во продолжение следува разговор со Даница која ни го открива светот што постои таму горе во планините.

Што значи за тебе семејната викендичка на Кожуф?

Да се има викендичка на Кожуф за мене значи многу. Со самото тоа што јас имам две викендички на иста планина задоволството се зголемува.

Едната е во селото Радња, а другата на 7км од Радња, на само 11км од Ски центарот Кожуф, длабоко во планината каде што нема ништо друго освен преубава недопрена природа и река којашто ми тече во дворот.

Да се има семејна викендичка на Кожуф тоа значи да се има место за мир и спокој. Место каде што сам со себе најубаво се чувствуваш, длабоко во шумата, далеку од целата врева, градскиот метеж каде што нема ни сигнал за мобилна мрежа.

Тоа исто значи и место идеално за одмор и релаксација во кој било период од годината каде си 100% поврзан со природата. Место за коешто ме врзуваат бескрајно многу убави моменти и спомени во текот на целиот живот, и место каде што со голема љубов и задоволство секогаш се враќам.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 3

Како се стига и каков е патот до селото Радња?

Патот до селото Радња е комплексен и исклучително лош. Тоа е земјен широк пат, меѓутоа освен со џип или некое теренско возило тешко или речиси никако не може да се стигне со друго возило, посебно во зима кога има многу снег, секогаш се тоа екстремни и ризични возења.

Не знам дали е тоа добро или лошо, ама до некаде сметам дека и со самото тоа што нема пристап за секој, можеби и затоа селото ја има зачувано својата автентичност, мир и чистата недопрена природа.

Јас лично ако не сум со џип, најчесто сакам делот до селото Радња од последното село пред него, село Бохула, до коешто има асфалтен пат, да го минувам пешки. Тоа се некои 10 километри во коишто одејќи секогаш сретнувам по некоја дива ѕверка.

Последно налетав на дива свиња, 2 срни и многу траги од волци, со што патот до Радња е секогаш интересен и непредвидлив, а за мене тоа е секогаш возбудливо.

Од кога знам за себе на тој пат се случувале многу патешествија, авантури… За среќа сè се завршило добро.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 4

На кои спомени од детството најмногу си носталгична, а се случиле на оваа планина?

Уф, премногу убави спомени и лични моменти ме поврзуваат со Радња. Како дете со моето семејство често одевме таму, тогаш имаше многу деца со кои си игравме по цели денови, собиравме ракчиња, правевме куќарки на дрво, јадевме слатко и домашно лепче печено на вршник кај некоја од бабите што живееја таму, се криевме навечер во темница, беревме цвеќе, шумски плодови…

Навечер имавме навика да запалиме огин и сите заедно да си муабетиме околу него. Во месец јуни ни беше посебно интересно, зашто се појавуваа светулки и тоа ноќта ја правеше уште поубава.

Воедно и мојот прв врв е искачен таму, Горни голем (1256м) на 6 годишна возраст, некои аспекти од мојата личност дефинитивно се изградени на Кожуф, а за што сум сигурна тоа се храброста и бестрашноста, зашто секогаш ја имав максималната слобода и поддршка од моите родители.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 5

Како најчесто ти поминува еден кога се наоѓаш во една од семејните викендички?

Најчесто во прошетки, посебно кога одам со сестра ми, зашто не секој сака да пешачи многу. Скоро секој ден поминувам од 10 до 15 километри, најчесто од една до другата викендичка.

Некогаш ќе ми текне да одам и да испијам кафе, или да направам нешто за јадење, па нареден ден пак да се вратам во другата викендичка.

Во лето најчесто берам шумски плодови, а навечер обожавам да читам. Кога сум на планина најчесто си легнувам рано и тогаш биоритамот ми се враќа во нормала.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 6

За секое село кружат различни приказни, со какви стории се поврзува селото Радња?

Радња е типично планинско, македонско село, длабоко во планината Кожуф. Забрането место за Турците за време на Отоманската империја. Има преубава голема храм црква Св. Димиртија којашто датира од 19 век, а сега за жал е целосно разрушена и оставена да пропаѓа.

Радња е партизанско село коешто има богата револуционерна традиција, со свои учесници во Илинденското востание, и за време на НОБ е центар на партизанските единици.

За жал во 1944 година селото е целосно запалено и уништено од фашистичкиот окупатор со сите 59 куќи и основно училиште. Дел од куќите се повторно направени, меѓутоа од тогаш селото почнува по малку да се раселува. Денес нема ниту еден постојан жител.

Во Радња има мини аеродром наречен Гатеново, со земјена писта која сега е запустена, но некогаш на неа слетувале и полетувале воени авиони за време на Втора светска војна.

Безброј приказни има за селото, радњани сметаат дека нема поубаво село од нивното, и за нив важи дека нема шанса да се купи таму куќа или плац доколку немаш радњанско потекло.

За селото се знае дека е земја на слободните, вистинска приказна за изгубениот свет или со други зборови како што јас сакам да го наречам Lost piece of heaven.

Јас лично го доживувам како исклучително мистично село, тотално различно од сите села во коишто сум била, а тоа се многу!

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 7

Кои локации ти се омилени на Кожуф?

На Кожуф сум била буквално секаде, но омилена локација ми е викендичката во непосредна близина на реката Дошница, којашто е најчиста и една од најголемите реки во Македонија.

Сметам дека местото има огромен капацитет за туризам, голема штета е што целосно запре и пропадна изградбата на Ски центарот Кожуф. Таму нема буквално ништо, само шума и преубава природа, и река којашто ми тече во двор.

Кожуф е многу разновидна планина, планина богата со вода. До пред короната татко ми водеше и тури на коишто доаѓаа дипломати, амбасадори и луѓе коишто имаат многу прошетано и нема некој од нив што не бил фасциниран од природата и не посакал пак да се врати.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 8

Раскажи ни неколку интересни случки од твоите планинарски доживувања на Кожуф...

Интересни случки имало безброј. Најчесто тоа се случува кога одам со мое друштво.

Се случувало сè, од временски неприлики, па да се изгубиме во случај на магла.

Еднаш се случи додека седевме навечер во тишина, буквално да дојде мал волк и да го изеде целото месо што ни беше останато. Доаѓаа и срни да пијат вода од реката, а во зимските денови често имаме слушано и виење на волци.

Реката Дошница ако не се минува со џип, тогаш исклучиво се минува на клада. Не сите се навикнати, а тоа секогаш се интересни моменти посебно кога реката е многу голема и кога се топат снеговите.

Се случувало доколку ја минуваме реката со џип, целиот да се наполни со вода, за среќа тоа се јаки теренски машини, па знае да биде доста возбудливо.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 9

Каква е планината Кожуф во зима, а каква во лето?

Планината Кожуф е богата со вода, изобилува со брзаци, водопади посебно на пролет. Исклучително е богата со разновидна шума, за што посебно ја сакам и има богат растителен свет.

Во лето изобилува со безброј видови на чаеви, во пролет има многу див лук, шумски плодови, диви јагоди, дренки, капини, планински цвеќиња, лековити билки и растенија…

Селото е и воздушна бања зашто се наоѓа на идеална висина на којашто се градат центри за респираторни и белодробни заболувања, плус има и интересна клима, комбинација од медитеранска клима од југ и умерено континентална од север.

Иако во зима има многу снег, тој не се задржува премногу.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 10

Кое место е идеално за кампување на Кожуф?

Места за кампување на Кожуф има многу, некои од нив се под Врвот Дудица, во селото Мрежичко каде што неколку години по ред се одржуваше фестивалот Алшар, накај месноста Драгаја, и од гевгелиска страна исто кај Смрдлива вода, и местото познато како топли вирови.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 12

Зошто секој треба да поминува повеќе време на планина?

Времето поминато на планина и генерално во природата има исклучително големо влијание врз секој поединец, пред сè врз менталното и физичкото здравје и расположение.

Чистиот воздух, чистата планинска вода, прошетките во природа се доказ дека позитивно делуваат на расположение и целокупната благосостојба, ни ја креваат фреквенцијата и вибрацијата на многу повисоко ниво.

Потребно е само желба, сите коишто тврдат дека немаат време, со тоа не се согласувам. Еве сега сме на прагот на пролетта па им препорачувам на сите своето слободно време да го минуваат повеќе во природа.

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 11

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 13

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 16

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 17

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 18

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 19

danica stojanovska da imas vikencika na kozuf znaci da bidesh del od nedoprena priroda i sekoj den da ti bide nova avatura 20

© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Е. Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Марко Илиески за Грузија: „Карта за јавен превоз е 9 денари, не би живеел таму заради менталитетот н... Марко Илиески (20) од Прилеп, студент на Градежен факултет во Скопје, каде што и...
Кика од Скопје за престојот во Куба: „Локалците се намачени, платите се прениски, но Хавана има душа... „Платите се екстремно мали, а и кога имаат малку пари за да си дозволат храна, с...
Лаура за CRNOBELO.com: „Живеам во комбе во Австралија – ја сакам слободата, и покрај тоа што немам т... „На почетокот ми беше страв и не спиев многу добро ноќе, туширањето не е лесно, ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg