„Го молиш Бога да фатиш девојка?“ – Џокси открива детали за антологиската „На Велигден“ и за приватниот живот

„На Велигден“ од Џокси денес е вистински евергрин и не поминува Велигден без неа, но далечната 1990-та година, кога првпат ја снимил песната, првите луѓе на Македонското радио не сакале да ја пуштат во етер, а го исмеале со зборовите: „Што, ти не си способен па молиш Бога да фатиш женска“? – Џина Папас Џокси во интервју за CRNOBELO.com раскажува детали за песната, за приватниот живот и за кариерата.

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-01.jpg

Повеќе од 30 години големиот христијански празник Велигден кај нас не може да помине без антологиската песна на Џина папас Џокси, „На Велигден“. Таа е првата асоцијација за празникот и неофицијална химна.

Љубовната песна на Џокси денес е вистински евергрин. Но, далечната 1990-та година, кога првпат ја снимил песната, првите луѓе на Македонското радио не сакале да ја пуштат во етер, а тогашната уредничка го исмеала со зборовите: „Што, ти не си способен па молиш Бога да фатиш женска“?

Иако останал стаписан и збунет, бидејќи во песната оставил голем дел од себе, една година подоцна, Џокси, чие вистинско име е Ѓорѓе Васиќ, добил нова шанса за да ја промовира песната.

„Останатото е историја“, вели тој во разговор за CRNOBELO.com.

Во интервјуто Џокси ни раскажа како настанала легендарната песна и што мисли за преработките од колегите-музичари, но и за неговата кариера која трае цели 45 години…

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-03.jpg

Се наближува Велигден, а некако прва асоцијација на празникот е вашата антологиска „На Велигден“. Дали во времето кога ја правевте песната можевте да замислите дека ќе остави толкав белег кај народот и ќе ви ја одбележи кариерата?

Искрено, не. А како што почна промоцијата со забрани за пуштање, ептен кренав раце.

Да појаснам. 1990-та година во февруари месец песната, со уште три песни, ја снимив во едно импровизирано студио на Тоше Попсимонов во Хања, на Крит, и тоа како дополнителна песна, непланирана, резервна.

Тогаш постоеше само едно радио, Македонско радио, само една продукција, продукција на МРТВ, така што секој „производ“ вон таа продукција подлежеше на преслушување или како што знаеја да кажат „да ги споредиме параметрите дали одговараат на нивната продукција“.

Нивната опрема/техника важеше за најмодерна во големата Југославија и нема сега тука што јас да носам нешто што не е снимено по нивни стандарди.

На преслушувањето беа десетина музички уредници, меѓу кои и Јане Коџабашија.

По преслушувањето имаше еден логичен молк од неколку секунди за да се јави една од уредниците со заклучок „Што, ти не си способен па молиш Бога да фатиш женска“?

Како го кажа тоа, така сите се разбегаа.

Останав сам во малото студио за преслушување. Ми се сврте светот наопаку.

Сите оние слики собрани со години, слеани во музика од 3 и пол минути создадена во миг, се скршија за секунда.

Чувствував како да се распаѓам и јас со нив. Не е лесно кога ти го земаат чедото и го прогласуваат за ерес.

Ми остана само да ја симнам лентата од магнетофонот и да заминам. Едноставно, тешко ми беше враќањето на неа во периодот кој следи.

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-10.jpg

Таа година во септември станавме независна држава. На почетокот на наредната 1991-ва бев дел од жирито на Рок фест, заедно со Јане Коџабашија, кој во тоа време беше главен и одговорен уредник на продукцијата.

Ми пријде и ми кажа: „Доаѓа Велигден, сега е време да ја објавиш песната. Те чекам утре во продукција да се договориме!“

Така песната се најде на А-страната на касетното издание со оние песни снимени во студиото на Тоше во Хања.

A на Б-страната беа песните од мојата поранешна група МАКАКУС (МАКедонски АКУСтичари) со која во поранешната држава важевме за еден од водечките акустичарски бендови со еден грст сојузни награди.

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-05.jpg

Песната „На Велигден“ прв на радио-програма ја пушти Михаил Бошковски во неговата Мак Топ листа.

За неа гласаа слушателите на Македонското радио Радио Скопје, ја изгласаа за Хит на неделата и наредните седум дена се пушташе на секој час.

Сè она што се случи по тоа емитување, е историја.

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-07_copy.jpg

Песната е толку голема што ја препеаја и Ламбе, Андријана Јаневска, Пеце од „Суперхикс“ и многу други. Ги слушате ли нивните верзии на песната? Како ви се чинат?

Ламбе Алабакоски, Андријана Јаневска и Пепа Димитрова направија свои верзии на песната.

Пепа го адаптира текстот за женски род, и како што самата кажа „Јас направив женска верзија на Велигденот“.

Во верзијата на Ламбе е додадена нова строфа од Огнен Неделковски, строфа која ја надополни сликата што можеби јас сум ја пропуштил.

Секој од нив ја има донесено песната онака како што ја чувствуваат.

Тоа се три различни стила кои не се споредливи. Во секој случај на високо професионално ниво е сработено и за тоа сум им благодарен до небо.

Пеце, колку што знам, ја искористи музиката да напише текст за време на оние денови кога целата нација беше опседната со корона.

Но тогаш се јавија уште некои за дозвола да го адаптираат текстот на таа ситуација, така што на сите им беше удоволено.

Песната има многу преработки на оригиналот што јас не ги знам сите.

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-12.jpg

Вие наскоро ќе одбележите јубилеј – 45 години на сцената. Имате ли планови за јубилејот?

Па не наскоро, јас веќе го одбележувам. Со моите пријатели акустичари, Јаков Дренковски, Жаклина Стевковска, Аљоша Симјановски и Александар Стефановски Јаблан оваа година ќе се обидеме да реализираме неколку концерти по градовите на нашата мила татковина Македонија.

Кон крајот на мај месец следната 2024-та година да одржам еден целовечерен концерт од пошироки размери во Скопје, во некоја од салите за таа намена.

„Сама меѓу луѓе како ѕвезда меѓу ѕвезди…“

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-13.jpg

Ако се вратите назад низ кариерата, има ли нешто што би направиле поинаку? Жалите за нешто?

Многу рано се изгорев од музиката кога фрлив пари за снимање албум во вредност на денешен стан од 50m2 во центар, а за возврат не добив ништо.

Многу рано „укапирав“ дека од музика не ќе може да се живее, па некако срамежливо почнав да го туркам својот актерски талент како и новинарскиот во она радио кое ми ја забрани песната…

Па преминав на телевизија и не знам колку ви е познато, со Лазар Коларовски го напишавме концептот за училишната програма „Ѕвон“, која со одредени сценариски измени повторно се емитува на МРТВ.

Потоа „Сакам да бидам“ на Телма ТВ... Ете, тоа време би го вратил, што се вели народски, а со овој памет би ги направил емисиите уште погледани од тогаш.

Што се однесува за песните и музиката, од тогаш ги правам како-која ќе ми дојде, без некое оптоварување дека треба да биде хит, затоа што хитот не го одредувам јас, туку публиката.

ne-si-sposoben-da-fatish-zhenska-pa-go-molish-boga-djoksi-otkri-deka-za-malku-nikogash-nemal-da-ja-snimi-antologiskata-pesna-na-veligden-08.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg