Теодора Тодоровска (25), машински инженер: „Најблиските ми велеа - тоа е машка работа, но среќа, јас сум упорна личност“

Теодора Тодоровска од Скопје има 25 години и по професија е машински инженер за термичко инженерство. „На мојата насока на факултет бевме само две девојки, тоа и докажува дека во нашето општество работите сѐ уште се поделени на „машки“ и „женски“.

teodora-todorovska-masinski-inzener-najbliskite-mi-velea-toa-e-maska-rabota-no-sreka-jas-sum-uporna-licnost-01.jpg

Со Теодора поразговаравме за придобивките кои ги носи нејзината професија, за тоа како се снаоѓа како жена меѓу мажи инженери и зошто реално секоја жена може да се пронајде на секоја работна позиција.

Како се одлучивте токму за оваа професија? За време на студирањето, колкав беше процентот на женски студенти на вашата насока?

Деновите пред уписите на факултет за матурантите се секогаш резервирани за долги разговори околу понатамошните професионални ангажмани, заработката од истите и квалификации на „женски“ и „машки“ работи и „тешки“ и „лесни“.

Јас точно знаев што ме интересира и се запишав на Машинскиот факултет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката за термичко инженерство.

teodora-todorovska-masinski-inzener-najbliskite-mi-velea-toa-e-maska-rabota-no-sreka-jas-sum-uporna-licnost-11.jpg

Решена бев дека наредните години ќе ги посветам на моето образование со цел да добијам што е можно поголемо познавање на работите за кои еден ден ќе станам стручна и ќе ги применувам во реалноста.

На насоката за термичко инженерство бевме само јас и уште една студентка, а овој факт докажува дека во нашето општество работите се уште се поделени на „машки“ и „женски“. 

Како изгледа еден ваш работен ден?

Почетокот на мојот работен ден е посветен на канцелариското работење. Првото утринско кафе е резервирано за одговарање на мејл и подготовки на цртежи и скици кои ми се потребни за мојата работа на терен.

Откако ќе завршам со тоа, ја напуштам канцеларијата и се упатувам во сите објекти на кои се работи тој ден.

Ја проверувам динамиката на работата, квалитетот и дисциплината на изведувањето.

teodora-todorovska-masinski-inzener-najbliskite-mi-velea-toa-e-maska-rabota-no-sreka-jas-sum-uporna-licnost-02.jpg

Ги евидентирам завршените или пак, незавршените работи, приоритетните обврски и недостатоците. Откако ќе завршам со сите овие работи на кои посветувам најголем дел од моето работно време, повторно се враќам во канцеларија.

Го подготвувам извештајот за крај на денот, правам план за утрешниот ден и распоред за екипите-техничари, за приоритетните објекти и за набавки и подготовки на материјали. 

Дали вашата работна позиција може да кажете дека совршено добро може да ја изведува која било жена, не само мажи?

Не би можела да одговорам конкретно на ова прашање. Јас сметам дека не постојат „машки“ и „женски“ работни позиции и тоа го напоменав на почетокот.

Совршенството во работата и професијата не го одредува полот, туку трудот кој го вложувате, карактерот, темпераментот, упорноста и трпението.

teodora-todorovska-masinski-inzener-najbliskite-mi-velea-toa-e-maska-rabota-no-sreka-jas-sum-uporna-licnost-04.jpg

И најважно од сè, како и останатите работи така и оваа, морате да ја сакате за да успеете. Морате да ги сакате и луѓето и да најдете добри начини за комуникација и разбирање со нив.

Нема место за суета и титули. За процесот на оваа работа се разбира дека се потребни машински инженери, но за готовите продукти се заслужни и мајсторите, шоферите и магационерите. Никој не е повеќе битен од другиот. 

Кои се опасностите и ризиците кои ги носи вашата работа?

Опасност и ризик има во секоја работа, но точно е дека на терен процентот е многу поголем. Секој кој влегува на објект пред сè треба да носи заштитна опрема зависно од условите и работата: шлем, чевли, чизми, сигнална облека.

Освен тоа секој теренски работник има обврска да посети обука и да положи тест за безбедност и заштита при работа.

Дали сте добивале негативни реакции за вашата одлука за професијата? Кои биле најчести?

Негативните реакции дојдоа токму од најблиските луѓе во моето опкружување. Најчестиот коментар беше „машка е таа работа“. Но, негативните коментари не ме обесхрабрија, напротив, ме мотивираа.

Јас навремено ги завршив студиите, веднаш се потрудив да се вработам, откако се вработив не престанав да се трудам да бидам што е можно подобра за себе и за компанијата во која што сум вработена, но стереотипите не престанаа.

teodora-todorovska-masinski-inzener-najbliskite-mi-velea-toa-e-maska-rabota-no-sreka-jas-sum-uporna-licnost-03.jpg

Сè уште се случува кога ќе се сретнам со соработници од други компании и различни области да го почувствувам нивниот сомнеж бидејќи сум млада, а и жена.

Сепак, драго ми е што досега секогаш успешно се справував со стереотипите. Мојот начин на работа е одговор на стереотипите.

Важно е што на крајот преку работата докажувам дека мојот пол не ги уназадува мојата способност и професионалност. 

Дали е лесно да се најде работа во нашата земја со оваа професија? Дали можеби кога сте аплицирале за работни позиции сте добивале негативни одговори бидејќи инсистирале да вработат машко лице на позицијата?

Во нашата држава може да се најде работа со оваа професија. Лично јас, немав потешкотии. Потребни се машински инженери од причина што малку луѓе навремено ги завршуваат студиите.

Лошото е што не се потребни премногу машински инженери поради слабиот развој на индустријата во државата. 

teodora-todorovska-masinski-inzener-najbliskite-mi-velea-toa-e-maska-rabota-no-sreka-jas-sum-uporna-licnost-07.jpg

Кои се позитивните работи кои ги носи вашата професија?

Јас лично како една од позитивните работи би ја издвоила секојдневната комуникација со луѓето и константното запознавање на нови луѓе. Сѐ е динамично. Никогаш не е здодевно. Секој ден е нов предизвик, нов објект, нов проект.

Колку и да се трудите да сте подготвени за утрешниот ден, секогаш излегуваат непланирани ситуации кои го менуваат вашиот план за работа.

И морам да напоменам дека на крајот, за да биде сè како што треба, освен познавања во машинскиот дел потребна е и доза на добро менаџирање.

teodora-todorovska-masinski-inzener-najbliskite-mi-velea-toa-e-maska-rabota-no-sreka-jas-sum-uporna-licnost-14.jpg

Каков совет би им дале на младите девојки кои би можеле да се пронајдат во оваа професија?

Младите девојчиња би ги посоветувала секогаш да го избираат тоа што го сакаат и тоа што непрестајно ќе ги мотивира за да се надоградуваат.

Секоја жена може да застане рамо до рамо до кој било маж во оваа професија.

Доволно е да го посака тоа и да го сфати како предизвик. Лично сметам дека доколку жените се охрабрат во пракса можат да ги засенат успесите на мажите.

Од моето досегашно искуство, жените во оваа професија се потрпеливи и повеќе емпатични со секој човек кој има ангажман на одреден објект.

Покажуваат повеќе сочувство и разбирање и забораваат на инаетот и на крајот тоа е нивната предност.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Е. П. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Бобан Алексов живее 6 години во Данска: „Заминав 'на слепо', работа најдов случајно на Фејсбук, живо... Боби Алексов (37) од Скопје, 6 години живее во Оденсе, Данска. За себе вели дека...
Ребека, Македонка во Сан Франциско: „Животот ми приреди бура - како испливав нагоре без страв и омра... „Дефинитивно самодовербата се губи ако имате партнер кој не е тоа што сте го зам...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Барбара Поповиќ за CRNOBELО: „Имам италијански корени, ќе пеам на Сан Ремо“ „Од македонските музичари најблиска сум со Иван Јованов од Либеро бенд. Тој ми е...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg