Александар Пановски, професор на деца со предизвици во развојот: „Горд сум кога учениците ме пречекуваат со прегратка, Ребека е мајка борец“
- Детали
- вторник, 14 ноември 2023
„Ниту една образовна институција нема да нѐ надгради до степен на професионалец при работа со деца со предизвици во развојот, доколку човечките вредности не ни се на завидно ниво. Блага насмевка и топол искрен поглед можат секого да освојат на овој свет, а тука мислам и на моите ученици“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Александар Пановски, професор во средното стручно училиште за лица со попреченост „Св. Наум Охридски“ и класен раководител на синот на Ребека, Маркијан.
Александар Пановски (42) е професор по угостителска струка во средното стручно училиште за лица со попреченост ДСУРО „Св. Наум Охридски“ – Скопје.
Македонската јавност имаше можност да го запознае како класен раководител на синот на Ребека, Маркијан, а со Александар овој пат разговаравме за предизвиците со коишто се соочува на работното место.
На приватен план, Александар е татко на Лана и сопруг на Елена Пановска, кој на својот Инстаграм профил редовно споделува фотографии од вкусните специјалитети што ги подготвува, но на професионален план не ја крие сопствената гордост, затоа што успева да ѝ помогне на една од најранливите категории на граѓани, несебично вложувајќи го сопствениот труд и знаење.
https://www.instagram.com/p/CYAAfgQL74K/
„Како потполно зрела и одговорна личност, која 19 години е максимално посветена во воспитно-образовниот процес во средното стручно училиште за лица со попреченост ДСУРО 'Св. Наум Охридски' – Скопје, ќе речам дека не жалам за ниту еден миг поминат со овие дечиња, туку напротив, секој нов ден го доживувам како уште еден предизвик и борба за нивна афирмација, социјализација и тотална интеграција во општеството“ – вели тој.
Следува целото интервју со Александар Пановски:
Какви особини треба да поседувате како личност за да можете да работите со деца со предизвици во развојот и од каде желбата да се посветите на оваа кариера?
Кога говориме за тоа какви особини за работа со лица со предизвици во развојот треба да поседуваме, ќе речам дека пред сѐ потребни се човечки особини.
Ниту една образовна институција нема да нѐ надгради до степен на професионалец при работа со оваа категорија лица, доколку човечките вредности не ни се на завидно ниво. Затоа е потребно постојано да шириме љубов и топлина, а потоа сѐ останато.
Работите кои обично ни се случуваат во секојдневниот живот, нималку не се случајни и зад сѐ постои некоја оправдана причина. Таа поврзаност на нештата можеби е токму онаа причина, преку мојата пасија кон готвењето, за првпат да се вработам во ова училиште како наставник по угостителска струка и лично да се запознаам со можностите и вештините на овие прекрасни дечиња.
Денес ја имам таа привилегија во исто време да ги извршувам двете работи што најмногу ме исполнуваат – да готвам и да помагам онаму каде што има најголема потреба за тоа.
Со тоа мојот животен пат е веќе трасиран, пат по кој и ден-денес чекорам, со крената глава и широко отворено срце.
Со која возрасна група на деца најчесто работите и кои се најчестите предизвици во развојот кај децата со коишто се соочувате?
Како што веќе напоменав, ние сме средно стручно училиште, каде возраста на учениците најчесто е иста како и во останатите средни училишта, со таа разлика што кај нас можат да се запишат и учат лица до 25-та година од својот живот.
Нашите ученици иако по природа се многу повлечени, кај добар дел од нив се забележува прилично развиен потенцијал кон одредена област, како на пример свирење пијано, пеење, цртање и слично.
Затоа е потребно од наша страна да се вложи максимален напор и да им помогнеме да бидат препознаени, видени, прифатени, почитувани, социјализирани и на крајот интегрирани во сите сфери на општествениот живот.
Во тој поглед ние како училиште секоја учебна година во нашиот годишен план и програма за работа вметнуваме и реализираме низа активности и отворени работилници.
На овој начин преку нивно мешање со други училишта, во кои учат ученици со типичен развој, направивме чекор плус кон постигнување на поставените цели.
Според вас, кој е најдобриот метод со којшто треба да им се пристапи на децата, за да се постигнат најдобрите резултати?
Блага насмевка и топол искрен поглед можат секого да освојат на овој свет, а кога говорам за секој, мислам и на моите ученици.
Немојте ни случајно да помислите ако на лице со попреченост му пристапите со остар поглед и кон него се поставите со висок авторитет, дека ќе го освоите.
Не, покрај наставник, со него треба да се биде и родител, и другар, и брат и сестра...
Многубројни улоги, внимателно одбрани, можат да го освојат неговото внимание, во спротивно постои можност кај него да предизвикаме емоции, повлеченост, па и во некои ретки случаи самоодбрана.