Никола од Скопје живее во Русија: „Би сакал да се вратам во Македонија, но да имам достоен живот како тука“

Како изгледа еден вообичаен ден во Русија? Како ви почнува денот?

Со оглед на тоа што ние со сопругата имаме сопствен бизнис, нам работното време ни почнува малку подоцна, околу 9 и 30 – 10 часот.

Во 10 се отвораат продавниците и трговските центри во Орел.

Дотогаш ние ги возиме децата во школо и во градинка. Градинките почнуваат со работа од 7 наутро и работат до 7 навечер. Школите почнуваат со работа во 8 и 15 и еден час трае 45 минути.

Откако ќе ги оставиме децата во школо и градинка, појадуваме, а потоа одиме на работа.

Нашата канцеларија се наоѓа во една од нашите продавници. На работното место разговараме со нашите колеги, како поминал претходниот работен ден, зошто таква продажба, што може да направиме подобро и така натаму.

Потоа разговараме со нашите партнери со кои соработуваме, дали ни е потребна дополнителна роба или не, правиме анализа на тоа што се продава, што не се продава и решаваме дали да ја намалиме цената или не, и такви работни моменти.

Работниот ден ни завршува околу 17 часот, потоа ги земаме децата од школо и градинка и ги возиме на разни детски активности. Нашата постара ќерка се занимава со гимнастика веќе 6 години, и е доста успешна, па ако сѐ биде во ред, може и за Македонија да настапува.

nikola-od-skopje-zhivee-vo-rusija-bi-sakal-da-se-vratam-vo-makedonija-no-da-imam-dostoen-zhivot-kako-tuka-06.jpg

Скапа ли е Русија за живот? Колку чини да се изнајми стан, а колку е кафе или пиво во ресторан? Кој руски специјалитет задолжително мора да се проба?

Русија е огромна и во секој град е различно, но ќе пробам да дадам плус-минус некоја средна цена за во Орел, каде што живеам, и за Москва како главен град на Русија.

Во целина, јас сметам дека Русија не скапа за живот во споредба со многу европски земји, па дури и со Македонија.

Во Орел, средната плата е некаде околу 40-50 илјади рубљи (400-500 евра). Мислам дека е погрешно да се гледа платата во Русија во евра, затоа што тие 400-500 евра имаат поголема вредност во Русија отколку во Македонија.

Пример – моите родители живеат во стан од 70 квадрата (да, тие се исто тука во Русија) и плаќаат по 2.000 рубљи месечно за парно (20 евра), но парното работи 24/7 без престан од крајот на септември до крајот на март или средината на април.

Гасот е речиси бесплатен - плаќаат по 50-60 рубљи месечно (5-6 евра). Струјата е многу поевтина.

Јас живеам во стан од 100 квадрата, каде речиси секојдневно се вклучува машина за перење облека за садови, со клима уреди – месечно плаќаме околу 800 рубљи (8 евра).

Последниот пат кога бев во Македонија, во март 2023, сите другари ми се чудеа и не ми веруваа дека е можно толку малку да се плаќа за струја во Русија.

nikola-od-skopje-zhivee-vo-rusija-bi-sakal-da-se-vratam-vo-makedonija-no-da-imam-dostoen-zhivot-kako-tuka-16.jpg

Еден еднособен стан да се изнајми во Орел ќе чини од 12.000 рубљи (120 евра) и до 25.000 рубљи (250 евра).

Двособен од 20.000 рубљи (200 евра) до 30.000 рубљи(300 евра).

Во Москва е нормално поскапо, но многу зависи во кој реон во градот. Во Москва исто така може да се најде еднособен стан за 35.000-40.000 (350-400 евра), но најверојатно ќе биде подалеку од центарот, нема да има во близина метро станица, и нереновиран стан.

Ако е станот понов и реновиран, тогаш некаде околу 50.000-60.000 (500-600 евра).

Кафе во Орел во ресторан ќе чини околу 190-200 рубљи (2 евра), во Москва 250-300 рубљи (3 евра).

Пивото најверојатно исто како и кафето околу 2 евра во Орел и 3-5 евра во Москва.

Од руските специјалитети јас би ја издвоил супата Борщ (Борш). Тоа е супа од цвекло со јунешко месо. Многу вкусна супа.

Инаку супата се смета како украинска национална супа, но сите во Русија ја спремаат.

nikola-od-skopje-zhivee-vo-rusija-bi-sakal-da-se-vratam-vo-makedonija-no-da-imam-dostoen-zhivot-kako-tuka-13.jpg

Патувате ли често низ Русија?  Кои места сметате дека би биле интересни за Македонците како туристи да ги посетат?

Да, во последните 2 години само во Русија и патуваме (фала на Европа), и да бидам искрен Русија е супер. Да, не е многу развиена, но, сега се вложуваат огромни средства на развој на туризмот во Русија, и мислам дека за 2-3 години Русите нема да сакаат да излезат надвор од Русија, дури и ако ги откажат санкциите.

На сите јас им препорачувам да одат во Санкт Петербург, за мене тоа е најубавиот град во Европа, многу сличен на Прага, но петпати поголем и со многу поубави замоци. Град полн со историја и прекрасни градби. Вреди да се види барем еднаш во животот, но, во летно време.

Останатото време е многу ветровито и може да замрзнете. Исто така, би препорачал летно време да се посети Мурманск, односно селото Териберка кое e буквално на крајот од светот.

Ние со сопругата бевме таму летно време, кога денот трае повеќе од 60 денови. Спомени за цел живот.

nikola-od-skopje-zhivee-vo-rusija-bi-sakal-da-se-vratam-vo-makedonija-no-da-imam-dostoen-zhivot-kako-tuka-12.jpg

Често објавувате видеа на кои се бањате во базен на -25 степени Целзиусови? Кога почнавте да влегувате во ледени води на минусни температури?

Тоа почна уште првиот пат кога дојдов во Орел да се запознаам со родителите на Светлана. Татко ѝ веднаш ми рече дека во Русија сите одат во бања (сауна), така да и јас морав да пробам.

Тоа беше во далечната 2011 година. Оттогаш одам често во руска бања, речиси секоја сабота.

Во бањата температурата се загрева околу 90-100 степени, и потоа на камењата од печката се налева вода, и нормално се создава пареа.

Истовремено со пареата луѓето во бањата се „маваат“ со веники (односно собрани во едно, да кажам клопче, неколку гранки од даб или бреза). Со нив се отвораат порите на кожата.

После добро загревање, може да се рипне во ледена вода, од 100 степени во 0 степени.

После таа процедура крвта циркулира 2 пати побрзо. Целата процедура го јакне имунитетот. Не би можел да живеам во Русија без руска бања!

nikola-od-skopje-zhivee-vo-rusija-bi-sakal-da-se-vratam-vo-makedonija-no-da-imam-dostoen-zhivot-kako-tuka-08.jpg

Има ли нешто што ви недостасува од Македонија? Што е тоа?

Од Македонија ми недостасуваат пријателите, музиката, јазикот и сонцето! Со моите пријатели се слушам барем еднаш неделно.

Сега е лесно преку WhatsApp или Viber да се биде во контакт, но сепак не е исто да имаш блиски луѓе до тебе, а друго е да ги гледаш преку екранот на својот телефон.

Најголем минус за мене е малку сончеви денови во Русија. Во овој дел каде живеам јас, имаме ние околу 90-100 дена сонце во годината, што е ужасно малку, но тоа е, што да се прави.

nikola-od-skopje-zhivee-vo-rusija-bi-sakal-da-se-vratam-vo-makedonija-no-da-imam-dostoen-zhivot-kako-tuka-11.jpg

Помислувате ли некогаш да се вратите во Македонија? Кога?

Секој ден! Јас бев во Македонија во март 2023 година, и една од целта на моето присуство беше да видам дали има можност да се преселиме, но да имаме достоен живот каков што имаме во Русија.

После сите пресметки, Македонија е поскапа за живот отколку Русија, а платите не се многу високи. Кога јас работев во 2011-2012 во Скопје добра плата се сметаше 500 евра, денес 2024 исто така се смета.

Цените на станови се нереално огромни, јас навистина не знам кој купува по такви цени. Скопје е поскап од Валенсија или Прага, не е нормално тоа.

Така што засега живееме и работиме во Русија, а понатаму што ќе биде ќе видиме, но јас ќе се вратам, тоа е сигурно. Може кога ќе дојде време за пензионирање!

nikola-od-skopje-zhivee-vo-rusija-bi-sakal-da-se-vratam-vo-makedonija-no-da-imam-dostoen-zhivot-kako-tuka-17.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Урбан лик: Ќазим Асотиќ од Скопје е кавалер од стар ков и маж со елегантен моден стил „Никогаш не излегувам од дома без часовник, машки голем прстен, вратоврска и мар...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg