Зои Блаж: „Ми кажаа дека нема да станам мајка поради хормоналниот дисбаланс, но по години неизвесност и солзи - добив ќерка“
- Детали
- сабота, 24 мај 2025
„Пред повеќе од 6 години, отидов на гинеколог во една приватна болница каде докторот ладнокрвно ме погледна и рече со овие резултати што ги гледам нема шанси да забремениш, ако се случи тоа тогаш е чудо. Се сеќавам тој ден кога ми ја соопшти лошата вест докторот, партнерот Тадеј ми рече: „Не се секирај и да не можеме да имаме деца, ќе посвоиме“, ја започнува својата приказна Зои Блаж за CRNOBELO.com.
Инфлуенсерката Зои Блаж, Зорица Матијашич од Скопје, доби ќерка со словенечкиот ракометар Тадеј, откако пред 6 години доктор ѝ кажал дека никогаш нема да може да стане мајка.
Таа се соочувала со хормонален дисбаланс, но по години работа со ендокринолог, нејзината состојба се стабилизирала и таа стана мајка на малата Мариа.
Но, во текот на целиот тој период се соочила со многу непријатни мисли, но поддршка во секој миг ѝ бил нејзиниот сакан Тадеј.
Зои ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
Кога првпат ти кажаа дека нема да можеш да станеш мајка и какви емоции те преплавија во тој миг?
Пред повеќе од 6 години, отидов на гинеколог во една приватна болница каде докторот ладнокрвно ме погледна и рече со овие резултати што ги гледам нема шанси да забремениш, ако се случи тоа тогаш е чудо.
Се сеќавам мајка ми беше внатре со мене, а надвор ме чекаа Тадеј и татко ми, излегов со плачење, мајка ми ме гледаше безутешно бидејќи нели тој е доктор, се сеќавам само дека таа му рече и да е така не се кажува на младо девојче со ваков тон и пристап…
Ми се скрши сонот, срцето, апсолутно сè, јас сум човек што обожава деца и најголемиот сон ми беше да станам мајка.
Фала му на Бог сега е веќе реалност, добив ќеркичка, а докторот да не го коментираме…
За каков тип на дијагноза станува збор? И како е поврзана со забременуваньето?
Имам зборувано многу на оваа тема, јас имав хормонален дисбаланс и тоа ми направи два фиброаденома на едната дојка и микро аденом на хипофиза, поради превисоки нивоа на хормоните пролактин и ТСХ (тиреостимулирачки хормон).
Некој период не ни бев свесна дека тоа е голем проблем, но од кога почнав да истражувам сфатив дека не смеам да си играм и морам да се лекувам со соодветна терапија.
Лутав долго време додека најдов добар ендокринолог и морам да ја спомнам доктор Бранкица Крстевска, која ми го објасни целиот процес и ми кажа: „Опушти се и слушај ме - ќе дојдеме до бебе“.
Така и се случи, 5 години се лекував со соодветна терапија според мојот проблем, фала му на Бог успеавме во тоа.
Најпрво ги регулиравме хормоните, а во 2023 година ми кажаа дека повеќе немам аденом во хипофиза и сè започна така.
Што те држеше мотивирана низ годините на борба? Колку време се обидувавте безуспешно со партнерот? Имаше ли моменти кога сакаше да се откажеш? Што те натера да продолжиш?
Ух, имаше и моменти кога не ми се живееше, кога немав надеж, сè тоа е нормално...
Правиш тест и секогаш се надеваш, па гледаш негативен резултат, плачеш, си викаш зошто јас, ги гледаш луѓето околу тебе со деца, си викаш „Ќе бидам ли јас некогаш мајка?“…
Ама дефинитивно зборовите на Тадеј и поддршката што тој ми ја даваше, ми даваше надеж.
Се сеќавам тој ден кога ми ја соопшти лошата вест докторот, Тадеј ми рече: „Не се секирај и да не можеме да имаме деца, ќе посвоиме - има многу дечиња што чекаат некој да им подари љубов“.
Во тие мигови тие зборови ми значеа многу, иако секогаш ми велеше мојот внатрешен глас: „Ќе успеете, не е право време, сè има зошто“…
Желбата за дете, за мајчинство никогаш не ми се тргна од глава, дури имав период каде што бев во депресија и одев по бебешки продавници и купував гардероба, манифестирав.
Може на некого ќе му е чудно тоа, но гледајќи сега, можам да кажам дека тоа ми има и многу помогнато.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





