Браво, Македонија има талентирана младина! Марија (21) од Богданци беше дел од работилница на Pierre Cardin во Париз
- Детали
- понеделник, 26 мај 2025
„Во Париз ни дадоа задача да нацртаме облека и модни додатоци инспирирани од модното творештво на Пјер Карден. Изработката се одвиваше рачно на хартија, под менторство на главните дизајнери. Откако завршив се сретнав со директорот на модната куќа, и со дизајнерите, кои беа задоволни од мојата работа“ - вели за CRNOBELO.com младата Марија Роглева.
Марија Роглева (21) од Богданци е студент на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје.
Оваа млада девојка, која 7 години активно се занимава со мода и уметност, неодамна беше на работилница од соништата во Париз, организирана од модната куќа Pierre Cardin.
За своето патување во градот на модата и работата со едни од првите луѓе кои стојат зад познатиот моден бренд, Марија раскажа за CRNOBELO.com:
„Моето патување низ уметноста и модата започна уште на 14-годишна возраст, кога се запишав во средното училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.
Сега сум студент на Факултетот за арт и дизајн и изминативе години студирав на насоката моден дизајн.
Во слободно време, пак, се занимавам со манекенство.
На модната работилница на Pierre Cardin во Париз конкурирав на почетокот на април, на конкурсот што ни го проследи мојата проф. д-р Гордана Вренцоска.
Изработив мини колекција инспирирана од француската модна куќа Pierre Cardin.
Изработката на колекцијата ја започнав со детално истражување за стилот и естетиката на модниот бренд.
Бев инспирирана од нивната колорна карта, геометриски форми и текстилни материјали коишто ги употребуваат.
Најпрво сработив моден колаж за инспирација, колорна карта и текстилна карта.
Потоа, во мојот проект беа изработени брзи рачни скици на хартија, а потоа ги финализирав во идејни решенија.
Право на аплицирање за модната работилница имаа сите студенти што студираат моден дизајн во Европа.
Се соочив со огромна конкуренција и со талентирани луѓе од Европа, но и од Азија.
Не беше едноставно, и затоа вложив многу труд, внимание и посветеност на мојата изработка. Работев неуморно за да ја постигнам мојата цел.
Откако ја испратив апликацијата се надевав на најдоброто - секогаш верувам во моето знаење и талент.
Од големиот број апликанти, само 64 студенти беа избрани за учество на модната работилница, меѓу кои и јас.
Од сите 64 студенти кои бевме во Париз, дополнително ќе бидат избрани само 12 за учество на следната работилница во Атина, а тие што ќе бидат меѓу топ 3 студенти ќе им се понуди пракса за работа во модното студио на Pierre Cardin.
Инаку, самата модна работилница беше одржана во просториите на модната куќа во Париз, на 17 и 18 мај, а ние студентите, бевме поделени во две групи.
Јас бев во група со студенти од Италија, Франција, Шпанија...
Таму ни дадоа задача да нацртаме облека и модни додатоци инспирирани од модното творештво на Пјер Карден.
Изработката се одвиваше рачно на хартија, под менторство на главните дизајнери од модната куќа.
Изработката на моите скици траеше неколку часа и потоа бев на разговор со директорот на модната куќа, Родриго Бразиликати Карден и со дизајнерите.
Тие беа задоволни од мојата работа, па природно е да се надевам и да очекувам дека ќе бидам на листа со топ 12 финалисти за следниот настан.
По завршувањето на работилницата, Родриго Бразиликати Карден ни додели сертификати за учество.
Мора да кажам дека целиот овој настан ми е мотив за уште поуспешна иднина.
Стекнав големо искуство со тоа што се запознав со тимот на модниот бренд и со сите студенти - учесници на работилницата и направив контакти што ќе ми бидат потребни за развивање на мојата понатамошна кариера.
Ова искуство е навистина предност за мојата иднина.
А мене лично, би ми било чест и задоволство доколку ми понудат работна пракса во нивниот моден бренд.
Додека конкурирав имав голема помош од мојата фамилија и од тимот на професори и асистенти на Факултетот за арт и дизајн, а во подготовките за патувањето и од управата на Универзитетот, каде особена поддршка ми пружи мојата професорка проф. д-р Гордана Вренцоска.
Погледнете повеќе фотографии на следната страница...
Би можело да ве интересира:





