Али Риза од Пакистан 8 години живее во Македонија: „Работам во суд, тука платите се подобри отколку во мојата родна земја“
Бурек, ајвар или ракија - што најмногу ти се допаѓа од македонската кујна? А која храна од Пакистан најмногу ја сакаш и дали може да се најде тука во Македонија?
Најмногу од македонската кујна ми се допаѓа мусаката. Генерално ми се допаѓа целосно македонската кујна и храна.
Од Пакистан најмногу го сакам пакистанскиот ориз со месо, кој што можам лесно да го најдам да го купам и приготвам.

Колку долго планираш да останеш тука и каде следно би сакал да живееш?
Јас сакам да останам да живеам тука и не планирам преселба во ниедна друга држава.
Што најмногу ти недостасува од Пакистан?
Од Пакистан најмногу ми недостига моето семејство и моите родители со кои секојдневно комуницирам преку интернет и преку камера, со што многу ми олеснува барем што можам на тој начин да ги видам и чујам.

Од каде точно потекнуваш во Пакистан и по што е познато тоа место?
Моето родно место е Пешавар, тој град е познат по богатата култура, старите џамии и убавата и вкусна храна, која е приготвена од локалното население.
Како изгледа еден типичен ден во Пакистан – како тече животот таму?
Наутро денот во Пакистан започнува со утринска молитва. После молитвата е задолжителен појадок, подоцна луѓето одат на своите работни места, најчесто работните позиции се сместени блиску до домот, но понекогаш некои луѓе патуваат со превоз до својата работа.
Кога се враќаат од работа се подготвува фамилијарен ручек и подоцна дел од денот е посветен за одмарање и дружење со семејството со некои слатки и чај.

Какви се односите меѓу луѓето во Пакистан – пријателства, соседство, семејни врски?
Во Пакистан најчесто има добар однос со соседството и со пријателите.
Семејните врски се исто така стабилни, се одржуваат така што комуницираме редовно, се гледаме за време на прослава на празниците, свадби, свршувачки итн.

Која традиција или обичај од Пакистан ти е најдраг и зошто? Како се разликуваат прославите и празниците таму во споредба со Македонија?
Најдраг обичај од Пакистан ми е тоа што ние носиме традиционална капа (беретка/ такија), секојдневно, која тука во Македонија не ја носам.
Се разликуваат доста прославите на празниците во Пакистан и Македонија и ми недостига таа култура каде што луѓето се грижат за другите луѓе, односно за Рамазан Бајрам се делат пари и намирници, храна со цел тие што немаат доволно, да можат да прослават.
Тоа кај македонскиот народ не сум го забележал.
Исто така, голема е дружбата, односно празниците се слават повеќе дена, едни со други одиме на гости и одржуваме конекции.

Што би им препорачал на Македонците да посетат или пробаат ако патуваат во Пакистан?
На Македонците коишто би се одлучиле да патуваат во Пакистан би им препорачал да ги посетат следните места: Naran, Kaghan, Kashmir, Nathia Gali, Islamabad, Lahor и ред други места, бидејќи во Пакистан има прекрасна природа, многу убави градови и локации.
Кај нас луѓето насекаде приготвуваат храна надвор, плус се многу се љубезни и дружељубиви, убаво ги пречекуваат гостите и туристите од сите земји итн.
Има што да се види, посети, искуси и доживее во нашата земја и сите луѓе се добредојдени.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
