Марија Латиновска за стилот и убавината: „Обожавам чанти и чевли, сама се грижам за кожата, грицки и чипс не јадам“
- Детали
- среда, 18 јуни 2025
„За мене од клучна важност е што јадам помалку благо за разлика од порано. Шеќерите моментално даваат енергија, а потоа ни е тешко од нив. Со себе секогаш имам здрави благи - црно чоколадо или урми. Чипсови и грицки речиси не јадам, но не можам да се откажам од пуканките“, вели ТВ-новинарката Марија Латиновска.

Марија Латиновска (34) е препознатлив лик од ТВ екраните. Таа е новинарка, водителка и уредник на емисијата за култура „Неделен микс“ на ТВ 24.
Но, Марија е и негувана жена, која внимава и на својот стил на облекување и на начинот на кој се грижи за своето лице и за телото.

Во разговор за CRNOBELO.com, Марија ни ги открива своите мали тајни:
Стил на облекување
Мојот стил би го опишала како опуштен со доза на елеганција.
Вештина е да се искомбинираат боите, материјалот и кројот и на тој начин да се истакне тоа што треба, а да се сокрие таму каде што е потребно, на својствен начин.
Кога жената е негувана и уредна, може да изгледа убаво и во фармерки и бела маичка.
Преферирам квалитетни парчиња облека кои можам полесно да ги комбинирам едни со други.
Чантите и чевлите ми се омилени додатоци, но се трудам да бидам рационална и да не купувам многу, туку само кога навистина ми требаат.
Од летната гардероба најдраги ми се лелеавите фустани, а на зима џемперите.

Би додала дека стилот на една личност не се состои само во облеката, туку и целокупниот начин на живот - како се однесуваме со луѓето, образованието, држењето, начинот на изразување, интересите, животните ставови, начинот на исхрана, опкружувањето.
А, јас се трудам да бидам доследна во секоја од овие области.
Расположението и пригодата ми го диктираат облекувањето. Пазарам и во странство и дома, во зависност што ќе ми се допадне.
Кога патувам, пакувам облека која лесно ќе можам да ја комбинирам. Секако, зависи и во кој период од годината е патувањето, дали е потопло и ладно времето.
Кога станува збор стилот, не би можела да се замислам во дречави хеланки или пантолони долги кои се влечат на под.
Не би можела ни да издвојам едно омилено парче, но имам неколку фустани во кои се чувствувам одлично кога ги носам, а секако, тука се и фармерките кои можам лесно да ги комбинирам или со сакоа или со некој блузон, во зависност од пригодата.

Нега на лицето и телото
Имам чувствителна кожа и внимавам какви производи користам, значи базирани на што поприродни состојки.
Дневната рутина на лице е скоро иста отсекогаш. Се состои од чистење на лицето, крема и масажа со прсти или со гуа ша и на крај крема со заштитен фактор.
Генерално, сама се грижам за негата на лицето, а поретко се случува да одам и на козметички третман.
Не сум правела естетски зафати, а и немам ништо против истите, доколку некому тоа му придонесува за поголема самодоверба.

Користам маски за лице бидејќи претставуваат одлична компонента на целокупната нега на кожата, без разлика дали се работи за млада или зрела кожа.
Често комбинирам мед, авокадо, јогурт, маслиново масло...
Сепак, императив во негата на лице е темелното вадење на шминката.
Имам сува кожа, па млекото за тело по туширање е задолжителен ритуал.

Начин на исхрана и диети
Многу внимавам што јадам и пијам. Со текот на годините, сфатив која храна ми дава енергија, и таква најчесто консумирам.
Најважно е да јадеме умерено, да не се прејадуваме. За мене од клучна важност е што јадам помалку благо за разлика од порано.
Шеќерите моментално даваат енергија, а потоа ни е тешко од нив. Со себе секогаш имам здрави благи - црно чоколадо или урми.
Чипсови и грицки речиси и не јадам, но не можам да се откажам од пуканките. Нив би ги јадела неограничено.
Од клучно значење е да бидам хидрирана во текот на денот, па така, си носам шише со вода каде и да одам.

Алкохол ретко пијам, но, знам да се напијам чаша добро вино или пиво.
Инаку, најчесто јадам домашно подготвена храна - варена или печена. Сакам да приготвувам здрави оброци кои не одземаат многу време за подготовка.
И затоа меѓу омилените јадења ми се турлитава, дроб сарма, сарми од лозов лист...
Често подготвувам месени работи, како охридскиот специјалитет комад, кифлички и друго.
А, кога станува збор за благите, подготвувам милиброд, ванилици, ролат со јагоди.

Спортски активности и фитнес
Спортот и движењето се составен дел од моето секојдневие - пешачам, вежбам пилатес, танцувам.
Уживам да поминувам време во природа и на тој начин ја обновувам енергијата.

