Љубовната приказна на ракометарите Андријана и Никола Маркоски: „Се запознавме на тренинг, го изненадив кога запеав на свадба“
Кога бев да се договарам за репертоарот (сама бидејќи Никола сè уште беше во Унгарија), им кажав на музичарите за првичната идеја да пеам додека влегуваме во сала, но дека сум се предомислила.
Тогаш тие ми предложија сепак да пеам, без да знае Никола. Така и направивме.
Јас го договорив да влеземе од различни страни, па да се споиме на средина на салата и кога ме виде дека излегувам со микрофонот и пеам, баш се збуни и изненади.

На секого сопствената свадба му е најубава, па така исто и на нас.
Со радост се сеќавам на целиот ден, од подготовките утрото, доаѓањето по невеста, возењето Скопје-Струга, венчавањето во црквата Св. Ѓорѓија, на свадбената веселбата, буквално на сè.
Навистина беше весела, разиграна свадба. Јас и Никола не успеавме ни 2 минути да седнеме на невестинската маса.
Нема ништо поубаво од тоа да ги видиш насмеани и среќни, луѓето кои ти се најблиски - семејството, пријателите...

Ние ги имаме близнаците Матеа и Марко, кои на 08.08.2025 ќе наполнат 3 години.
Нивното раѓање ни го промени животот во целост.
Мојата животна желба, а и желба на Никола беше да имаме близнаци и кога дознавме дека сум бремена со близнаци, тоа беше дефинитивно најубавата вест што сме ја добиле во животот.

Раѓањето на Матеа и Марко не само што ни ја зацврсти љубовта, туку ни го комплетираше мозаикот кој толку многу се трудевме и посакувавме да го склопиме.
Нив првпат ги однесов на натпревар во сала кога имаа 9 месеци.
На почетокот поретко ги носевме, но последниве неколку месеци ги носам баш често, затоа што веќе разбираат, навиваат и сакаат да го гледаат тато.
Некогаш им досадува и едвај дочекуваат да заврши натпреварот за да се симнат на терен и да трчаат, но успеваат да издржат до крај.

А мене, многу ми е потешко да гледам натпревар пред ТВ.
Јас пораснав во сала и обожавам да ги гледам натпреварите во живо, па секоја прилика ја користам да присуствувам.
Атмосферата во сала не се доживува исто како кога гледаш дома пред телевизор.

Што се однесува до романтиката, на почетокот на нашата врска, јас бев поромантична, но со текот на времето, изгледа романтиката е ‘пренослива’, па сега на моменти Никола знае да биде поромантичен од мене.
Често ми приредува изненадувања, не би можела само едно да издвојам, но ме радува што сè уште е обострана желбата да го израдуваме и изненадиме партнерот и кога нема некој посебен повод.

Во брак сме 8 години (сега на 23.06 ни е годишнина), а заедно сме речиси 16 години.
Сметам дека љубовта, почитта, страста, доколку постојат од самиот почеток, понатаму во животот со секоја измината година заедно, не само што не е тешко да се одржуваат, напротив, треба и да растат“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
