Љубовната приказна на ракометарите Андријана и Никола Маркоски: „Се запознавме на тренинг, го изненадив кога запеав на свадба“
- Детали
- четврток, 19 јуни 2025
„Свадбата ја правевме во Струга и имавме интересен момент при влегувањето во црква. Тој не забележа дека има спуштена греда на влезот и бидејќи е навистина висок, ја удри главата во неа, што измами насмевки кај гостите“, вели поранешната ракометарка Андријана Маркоска за љубовта со Никола, наш ракометен репрезентативец и член на РК Алкалоид.

Никола Маркоски (35) е еден од предводниците на РК Алкалоид, а неговата сопруга Андријана (37) е поранешна ракометарка, а сега магистер по финансово право, и вработена во Алкалоид.
И иако ги споил спортот, нивната љубовна приказна е многу поголема и подлабока, а трае повеќе од 15 години.
Тие ги имаат близнаците Матеа и Марко, кои се плод на нивната љубов, а кои, заедно со својата мајка, се многу често на трибините кога Никола игра за репрезентацијата на Македонија или за неговиот матичен клуб.

Љубовната приказна, која почна со ракометот, Андријана ја сподели за CRNOBELO.com:
„Никола почнал да тренира ракомет во неговата родна Струга, на 8-годишна возраст. Јас, пак, тренирав од свои 13 години.
На 17 години Никола потпиша за РК Вардар и таму остана 6 години, а со клубот ја освои и регионалната СЕХА лига.
Јас пак, почнав во РК Скопје, односно во ЖРК Металург, по што ја продолжив кариерата во РК Еуростандард.
Токму во тој период, кога Никола играше за Вардар, а јас за Еуростандард, се запознавме во СРЦ Кале, каде што трениравме двајцата.

Подолг период се дружевме, благодарение на наш заеднички другар, и така постепено се развиваа симпатии помеѓу нас.
Првиот чекор мислам дека беше взаемен, знаевме дека имаме симпатии еден за друг, често и се шегувавме дека сме ‘маж и жена’ и некако си дојде само по себе, само се чекаше правиот момент.
Никола ме освои со неговата насмевка и шармантна срамежливост. Секогаш насмеан, кроток, ненаметлив, скромен.

Во тоа време Никола имаше 20, а јас 22 години и на двајцата ова ни беше прва сериозна врска.
Но, уште во првата година знаевме дека е тоа-тоа и како одминуваше времето, сè повеќе растевме и созревавме заедно.

Ме запроси на 01.01.2017 година, на прославата на Нова година.
Ние веќе 7-8 години бевме заедно и секако дека очекував да ме побара за сопруга, меѓутоа дека ќе биде баш тогаш не помислив, бидејќи во тој период Никола играше во Унгарија и ретко се гледавме.
Навистина ме изненади затоа што баш во деновите околу Нова година беше на репрезентативен собир, беа сместени во хотел, се спремаа за Светско првенство, ако не се лажам, и навистина немаше време за ништо.

Свадбата и венчавката ги правевме во Струга, па имавме еден интересен момент при влегувањето во црквата.
Никола не забележа дека има спуштена греда на влезот на вратата и бидејќи е навистина висок, ја удри главата во гредата што измами насмевки кај присутните.

Свадбата, потоа, ја правевме во Хотел Дрим, а за мене лично, еден од поинтересните моменти беше самото наше влегување во салата.
Имено, првично со Никола се договоривме додека влегуваме јас да пеам, меѓутоа се предомислив.
Ни пееја наши многу добри пријатели, Томче, Шарки, Павле, Марија, а забавниот дел го препуштивме на дефинитивно најпозитивниот Мето Ди Флеш.

