Успешни Македонци низ светот: Кјара Гоља е адвокат во Нов Зеланд, со желба да стане пратеник или дипломат
А како се одвива твојата кариерата до сега?
Кариерата само што почнува.
Додека студирав, имав можност да работам на неколку изборни кампањи, кога политиката ми беше главен фокус.
По завршувањето на студиите, се вработив како адвокат во општа адвокатска фирма која е специјализирана за имотноправни трансакции (conveyancing).
Ќе видиме дали имотното право е нешто со што би сакала да се занимавам засекогаш, бидејќи исто така навистина ме интересираат и меѓународното и јавното право.

Дали е тешко да се најде работа во струката во Нов Зеланд? Или и пред дипломирањето имаше искуство преку пракса и фирма во која сакаше работиш?
Имав голема среќа што најдов работа веднаш по летниот распуст, и тоа во областа на правото што сакав да ја работам.
Многу луѓе што дипломираа пред мене ми велеа дека е многу тешко да се најде работа и дека некои не можеле да се вработат ни 12 месеци по дипломирањето.
Во Нов Зеланд, праксата не е задолжителна и не е услов за работа.
Повеќе е важно кого познаваш за да дојдеш во контакт со луѓе од индустријата.
Работното искуство е многу ценето, бидејќи сакаат да видат дека си добар во мултитаскинг и дека имаш искуство како работник или животно искуство.

Колку е голема конкуренцијата на ова поле? И уште поважно, како те прифатија колегите како „странец“?
Конкуренцијата е многу присутна кога се влегува во индустријата, особено при влез на правниот факултет и при барање работа.
Но, надвор од тоа, атмосферата е многу колегијална, а луѓето во индустријата се поддржуваат меѓу себе.
Поголемиот дел од моите пријатели, исто така, работат во областа на правото.
Лично, јас сум немала проблем со прифаќање како странец, зашто Нов Зеланд е земја на имигранти, а и повеќето студенти на универзитетот и во индустријата се странци, а не родени Кивијанци.
Ние, странците, имаме поголема култура на студирање на факултет отколку Кивијанците.
Затоа, тоа што не сум од Нов Зеланд воопшто не е нешто на што некој обрнува внимание.

Ти не криеш дека би сакала да се вклучиш во политичкиот живот на Нов Зеланд. Какви се твоите цели и аспирации?
Мојата цел е можеби еден ден да се вклучам пак во политиката, можеби како пратеник или дипломат за Нов Зеланд.
Но, не сакам да бидам таканаречен професионален политичар.
Прво сакам да ја развијам мојата кариера во правото и бизнисот, па потоа да се впуштам во политичките води.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
