Успешни Македонци низ светот: Кјара Гоља е адвокат во Нов Зеланд, со желба да стане пратеник или дипломат
- Детали
- четврток, 26 јуни 2025
„Додека студирав, политиката ми беше главен фокус и имав можност да работам на неколку изборни кампањи. По завршување на студиите, се вработив како адвокат во адвокатска фирма специјализирана за имотноправни трансакции“, вели за CRNOBELO.com, Кјара Гоља, која пред 10 години се пресели во Нов Зеланд.

Кјара Гоља Пауни (26), ќерката на нашата поранешна водителка Хелена Роза, неодамна ги зеде двете дипломи на Правниот факултет во Оукленд, Нов Зеланд.
Таа е дипломиран правник и дипломец по меѓународни односи и политика, но и адвокат за имотно право на Нов Зеланд.

Таа кратко време беше вклучена и во политичкиот живот во земјата, но веќе некое време работи и во адвокатска фирма.
Кјара пред 10 години се пресели во Нов Зеланд и сега таму почнува да гради успешна кариера во областа на правото, но вели, има аспирации понатаму да стане пратеник или дипломат.

За своето образование и кариерата, Кјара раскажа за CRNOBELO.com:
Дали отсекогаш сакаше да бидеш адвокат? Што ти е специјалност, односно на кој вид на право се фокусираше?
Искрено не. Кога ги почнав студиите, мојата цел беше да бидам политичар, но по ситуацијата со ковидот, ми се смени мислењето малку околу политиката и се пронајдов повеќе во правото.
Специјализација ми се трговското и имотното право.

Како течеше твоето образование?
Кога се преселив во Нов Зеланд завршив една година средно во Рангитото колеџ, а потоа направив пауза од 2 години, период во којшто работев. И потоа, во јули 2019-та ги започнав студиите.
Во прва година на правни студии, мораш да одбереш втора студиска програма како резерва, во случај да не продолжиш да студираш право во втора година.
За среќа, јас бев една од 400-те студенти на колеџот што беа избрани да продолжат со правните студии.
Некои луѓе одлучуваат да ја напуштат втората програма/диплома, но бидејќи јас сама ги финансирав студиите во првите три години, не сакав да ги фрлам парите за џабе на некој начин, па помислив дека нема да ми штети ако завршам за две дипломи.
Првите две години од студиите се доста основни, но во трета и четврта година избираш предмети од областа што те интересира.
Јас се фокусирав на предмети од областа на трговското право, имотно право, даночно право, интелектуална сопственост и управување со ресурси.

