Зорица од Велес живее во Германија: „На почетокот сакав да си ги спакувам куферите за назад - денес имам мои луѓе со кои сум блиска“
Кога ќе ти дојдат гости од Македонија, каде ги шеташ?
Кога ќе ми дојдат гости од Македонија, прво сакам да им го покажам моето секојдневие – местата каде што често одам, обично ги носам да го разгледаат градот и околните убавини – локалните паркови, замоци и традиционални германски места кои ја доловуваат културата и духот на регионот.
Сакам да им покажам зошто овој крај ми станал втор дом.
Ако имаме повеќе време, организираме и мали патувања до некој поголем град или позната туристичка дестинација.
Секогаш се трудам гостите да заминат со убаво искуство и со чувство дека виделе нешто посебно.

Ти недостига ли Македонија? Колку често се враќаш дома? Што македонско најмногу ти недостига кога не си тука?
Да, многу ми недостига Македонија – не само како земја, туку како дел од мојот живот што ми бил секојдневие.
Особено ми фали местото каде што работев – не толку поради самата работа, туку поради луѓето.
Тие беа дел од мојата секојдневна рутина, моите утрински муабети, спонтаните смеeња, поддршката што си ја дававме. Тоа не се заменува лесно.
Фалат тие мали моменти што тогаш ни изгледале обични, а сега ги носам како најголеми спомени.
Најмногу ми недостигаат моите – семејството, другарките, тие неколку блиски луѓе со кои сум растела, кои ме знаат без збор.
И секако, онаа наша топлина во секојдневието, па и храната што носи спомени.
Се трудам да одам барем еднаш годишно дома, а кога не можам, тие што ми значат ми доаѓаат тука.
Така ја пополнуваме празнината, барем на кратко. Но вистината е – Македонија ми е во срцето секој ден, без разлика каде сум.

Повеќе фотографии во продолжение:








