Зера Бекировска, негувателка во Скопје ЗОО: „Мајмунчињата со години паметат кој се грижел за нив кога биле мали“
- Детали
- недела, 06 јули 2025
„На животните им даваме „награди" за да почувствуваат дека се сакани. Омилени им се кикиритките. Исто така, тие ја чувствуваат енергијата и пред нив мора да сме сталожени и позитивни, за и тие да се почувствуваат смирено во наша близина“, вели Зера Бекировска (46) од Скопје, негувателка во Скопје ЗОО.

Зера Бекировска (46) од Скопје во ЗОО Скопје работи веќе 15 години. Таа дури 4 пати досега била заменска мајка за мајмунчиња кои или останале без мајка или биле отфрлени од својата мајка.
Работата не ѝ е лесна, но ја работи со цело срце и посветеност, а вели дека најголема награда ѝ е тоа што животните ѝ ја возвраќаат љубовта.
Во интервју за CRNOBELO.com Зера открива детали за својата професија:
Дали имате некое животно во зоолошката градина кое ви е посебно драго? Зошто?
Делфина, претходното мајмунче кое го чував, а кое е му е сестра на Мики, мајмунчето кое периодов го чувам, ми е најдрага.

Ако се сеќавате, таа беше фрлена од мајката во езеро.
Сега, Делфина има три години и сум многу среќна што со моја помош е жива и здрава.

Колку се интелигентни мајмунчињата според вашето искуство?
Според мене тие честопати се поинтелигентни дури и од луѓето, особено гибоните бидејќи спаѓаат во групата човеколики мајмуни, каде што спаѓа и човекот.

Кое е најневообичаеното нешто што сте го виделе кај мајмунче?
Дека се поставуваат заштитнички спрема тие што ги чуваат и памтат дури со години кој се грижел за нив кога биле мали.

Како изгледа еден ваш типичен ден со животните во ЗОО?
Доаѓам рано наутро на работа и веднаш ги поздравувам животните на мојот реон.
Потоа, следува нивниот појадок и целодневна нега на седум различни видови животни и мајмуни, а некогаш и повеќе.
Грижата за секое едно од нив е различна и бара различен вид на внимание и комуникација.
Колку и да е тешка работата, сепак на крајот на денот најважно е секое животно да го добие потребното внимание и грижа.

Како реагирате кога некое животно е болно или тажно? Што преземате?
Веднаш се известуваат одговорните лица и се дава терапија или ако е поголем здравствен проблем се носи на Факултетот за ветеринарна медицина.
