Македонци истрчаа 450km од Инсбрук до Љубљана на тимска трка: „На влез во Словенија нè исплашија волци, завршивме за 34 часа“
- Детали
- петок, 04 јули 2025
„При ноќното трчање на влез во Словенија ни се расипаа ламбите за на глава. Само што ги променивме, почнаа да вијат волци од двете страни на планината. Никаде немаше светло, стравот беше голем, па го забрзавме ритамот, демек ќе им побегнеме на животните“ - вели Филип Поповски, кој со својата екипа 091RunCrw, учествуваше во екипната трка EuroTrip.

ЕuroTrip е тимска трка која ги поврзува луѓето кои се вљубеници во трчањето, градовите и Европа како целина. Започна во 2022 година со идеја да се трча од Бриж во Белгија до Келн во Германија.
Следната година се трчаше од Келн до Стразбур во Франција, лани трката беше од Стразбур до Инсбрук во Австрија, годинешното, четврто издание беше од Инсбрук до Љубљана.


На оваа трка, која е долга 450km, учество зеде и македонска екипа, 091RunCrw, која броеше 15 учесници - 8 трчачи и 7 луѓе во логистика и возење велосипед.


Меѓу нив беше и Филип Поповски, кој за CRNOBELO.com, раскажа за нивното патешествие и авантуристичката трка која траела околу 34 часа:
„Делницата на трчање беше во должина од 450km, а треба да се истрча за помалку од 48 часа, а ние ја завршивме за 34.
Рутата поминува низ невидени пејсажи, планини и природа.
Трчавме, се искачуваме и симнувавме низ најубавите предели на Алпите, потоа Доломитите и, секако, на крај во Словенија.


Стартот беше во 23:00 часот на 6 јуни, а финишот на 8 јуни во попладневните часови.
Ние сме првата и единствена македонска трчачка дружина која учествувала на оваа трка.
Еден од условите беше да имаме минимум две жени во екипата кои ќе трчаат.
Ние, во целата екипа која замина на ова патешествие, имавме по две жени во екипа, плус три во логистика.

Подготовките започнаа уште лани во септември, кога се пријавивме и направивме интерна распределба - кој сака да трча, кој би можел да помогне во логистика, кој да вози велосипед.
Поминавме доста планирање, договарање, несогласување и откажување - што е и нормално за еден тим во фаза на подготовка.
Како поминуваше времето, возбудата растеше и бевме насочени кон подобро планирање, но и на барање помагатели, кои несебично ни излегоа во пресрет.
Без нив немаше да го реализираме ова наше искуство, авантура, но и нашето преставување надвор од границите на државата.


Инаку, и во минатото ние како дружина, посетуваме големи трки низ Европа и воспоставуваме комуникација со локалните трчачки дружини од сите земји.
Многу често си доаѓаме на прослави и трки и заедно дружиме во текот на истите. А оваа трка преставуваше еден вид на забава со останатите учесници.
Имаше вкупно 38 екипи од цела Европа, а највеќе од Холандија, Белгија, Германија, Франција и од Балканот - Србија и ние.

