Таткото на Надица, која загина во Кочани, за CRNOBELO.com: „Најтешко беше да ѝ кажеме на помалата ќерка дека сестра ѝ веќе ја нема“
- Детали
- среда, 14 јануари 2026
„Надица беше радоста на друштвото. Беше организатор на забави, девојка која знаеше како да го стопли секое срце. Љубовта кон неа нема крај, ни на овој, ни на кој било друг свет“, вели Александар Наунов, таткото на прерано починатата девојка, за CRNOBELO.com.

Александар Наунов (46), сопственик на пицерија во Кочани, е татко нa Надица, една од 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“, чиј живот згасна прерано, на само 17 години.
Надица е првото чедо на Александар и неговата сопруга Габриела. Тие ја имаат и помалата ќерка Анѓела, на која, како родители морале да ѝ соопштат дека нејзината постара сакана сестра веќе ја нема и никогаш нема да се врати.
Како семејство учат да живеат со болката, со сознанието дека животот по кобниот 16 март веќе никогаш нема да им биде ист.
Тие ги прославија и првите празници без Надица, за која Александар вели дека била столбот на семејството, секогаш насмеана и позитивна девојка, со добра душа, приврзана за родителите и сестра ѝ, организатор на забави со пријателите.
Иако неа ја нема, таткото Александар за CRNOBELO.com вели дека неговата љубов кон ќерката нема да згасне ни на овој, ни на кој било друг свет.

За животот по трагедијата, какво дете била Надица, за ноќите кога не може да заспие зашто знае дека ништо нема да ја врати младата девојка назад, Александар со многу тага и емоции зборува во интервјуто за CRNOBELO.com:
Се наближува една година од трагедијата во Кочани. Дали со текот на времето болката почна да се намалува или напротив, тука е, и расте?
Набргу ќе помине една година од трагедијата што не го погоди само Кочани, туку и целата држава.
Но за мене времето не лечи ништо. Болката по загубената ќерка не само што не стивна, туку секој ден е сѐ потешка.
Колку повеќе поминува времето, толку повеќе станува јасно дека таа никогаш нема да се врати, а таа помисла ми го руши животот одново и одново.
Има ноќи кога не можам ни да спијам. Сè што сум имал се урна во еден миг. Моето срце секој ден тагува, затоа што неизмерно ми недостасува мојата ќерка, мојата Надица.

Како ги поминавте првите празници без вашата Надица, особено што се тоа денови за радост и за семејството?
Сѐ уште не можам да поверувам дека празниците ги поминувам без моето прво чедо.
Тагата е огромна и секој ден носи нова болка, но за време на празниците таа болка е уште потешка.
Тогаш најмногу се враќам на спомените - колку беше среќна, со каква радост ми раскажуваше каде ќе оди, со кого ќе ги помине новогодишните случувања, кој диџеј ќе свири.
Тоа беа моменти што ми го исполнуваа срцето со радост.
Денес, тоа срце чука само за да преживее. Животот продолжува, но без неа ништо повеќе не е исто.

Каква девојка беше таа? Како би ја опишале Надица? Кои беа нејзините најголеми квалитети, желби за иднината, што сакаше од животот, имаше ли хоби, интереси?
Денес зборуваме за едно девојче чија светлина беше преголема за светот во кој живееме.
Зборуваме за Надица - ученичка во трета година во средното економско училиште, дете кое од првиот ден покажуваше дека е родено со капацитет, со редок талент и со огромно срце.
Надица не беше само успешна ученичка. Таа беше пример, инспирација, мечта која чекореше на две нозе.
Имаше јасна желба и цврста намера да продолжи со школувањето во Словенија, да стане економист, да го освојува светот со знаење, упорност и чиста душа.
Но Надица беше многу повеќе од тоа што стои во свидетелствата и оценките.

Таа беше радоста на друштвото. Беше организатор на забави, но и организатор на насмевки.
Девојка која знаеше како да го стопли секое срце. Со нејзината ведрина, со нејзината спонтаност, таа имаше природен дар да ги обедини луѓето околу себе.
Секој што ја запозна, дури и само еднаш, веднаш ја носеше во срцето.
Толку чисто, толку искрено зрачеше, што нејзиното присуство беше благослов за секој дом, секое училиште, секој разговор.
Како родител, само еднаш во животот можеш да посакаш дете со таква добрина, таква зрелост и таква човечност.
Надица беше токму тоа: најголемата желба на секој родител, остварена во едно кревко, но неверојатно силно девојче.
Таа беше столбот на семејството, гордоста на блиските и светилка за нејзините пријатели.

И затоа болката денес е толку голема. Не затоа што Надица не живее повеќе меѓу нас, туку затоа што нејзиниот живот беше неправедно прекинат, одземен, угаснат од систем што требаше да ја заштити.
Одговорноста што треба да ја понесат институциите е обврска, но љубовта што Надица ја остави зад себе е вечна.
Таа љубов не може да се избрише, не може да се потисне, не може да се заборави.
Надица останува наше дете, наш ангел, нашиот најчист спомен.
Останува пример како треба да изгледа млад човек - трудољубив, добар, полн со соништа и со љубов.
Нека нејзината светлина и понатаму нè води, нека нејзината насмевка продолжи да одекнува во нашите животи.
Зашто Надица не замина. Таа само премина таму каде што добрите души не трпат неправда, а љубовта е бесконечна.
Нека ѝ е вечна светлината. Нека продолжи да ни биде сила.
И нека никогаш не престанеме да зборуваме за неа - за да живее, за да не згасне, за да не дозволиме да се повтори трагедија што одзеде толку многу млади животи.
Надица беше и ќе остане - симбол на чистота, надеж и неискажлива љубов.

