Таткото на Надица, која загина во Кочани, за CRNOBELO.com: „Најтешко беше да ѝ кажеме на помалата ќерка дека сестра ѝ веќе ја нема“
Да ве вратам на кобната ноќ - како дознавте за пожарот, колку време откако избувна? Што направивте прво вие, сопругата?
За пожарот дознавме од Анита и од луѓе што панично се јавуваа.
Во тој момент светот ми се сруши. Со сопругата без размислување тргнавме, со надеж дека ќе ја најдеме жива.
Тоа беа моменти на страв, паника и молитва.

Како ѝ соопштивте на помалата ќерка дека Надица ја нема?
Соопштувањето на помалата ќерка Анѓела беше најтешкиот момент во мојот живот.
Не постојат зборови со кои можеш на дете да му кажеш дека сестра му нема да се врати.
Тоа беше момент кога се кршеше срцето на целото семејство.

Се сеќавате ли на првите денови по трагедијата? Имаше ли моменти кога моравте да се соочите со реалноста дека веќе ја нема?
Првите денови беа како темен облак. Живеевме како без душа.
Имаше моменти кога реалноста ме удираше со цела сила и сфаќав дека таа навистина ја нема.
Тие моменти беа неподносливи.

Колку ве смени сето ова како човек, како татко?
Ова ме смени засекогаш. Никогаш повеќе нема да бидам истиот човек.
Научив што значи вистинска болка, што значи да живееш со празнина.
Секој ден живеам со рана што никогаш нема да зарасне.

Како се сопругата и помалата ќеркичка? Како се носите семејно со болката, тагата?
Секој од нас ја носи болката на свој начин.
Се држиме еден со друг, затоа што само така можеме да опстанеме.
Болката е заедничка, но и љубовта кон Надица нѐ држи да продолжиме.

Често споделувате фотографии, видеа, си ја соголувате душата и ѝ се обраќате на Надица. Што ви стои недоречено, а би сакале таа да го знае?
Би сакал да знае дека секој ден живее во нашите срца. Дека никогаш нема да биде заборавена.
Дека тато ја сака бескрајно и дека таа љубов нема крај, ни на овој, ни на кој било друг свет.

